Болниците во Газа регистрирале 14 смртни случаи во изминатите 24 часа поради глад и неухранетост, соопшти денес палестинското Министерство за здравство во Газа.
Со ова, вкупниот број на смртни случаи од глад и неухранетост се искачи на 147, вклучувајќи 88 деца, соопшти Министерството, пренесе Си-Ен-Ен.
Вчера, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повторно негираше дека Палестинците во Газа се соочуваат со глад.
„Нема политика на гладување во Газа и нема гладување во Газа“, тврдеше Нетанјаху.
Овој месец во Газа имало најмалку 63 смртни случаи поврзани со неухранетост, предизвикани од блокадата на снабдувањето од страна на Израел, според Светската здравствена организација, пишува Си-Ен-Ен.
И покрај негирањето на Нетанјаху за гладувањето, Израел започна со дневни „тактички паузи“ во операциите за делови од Газа и одреди коридори за помош за да овозможи повеќе помош, а над 100 камиони доставија помош во енклавата во неделата.
Д. Т. / Цивил Медиа