Поранешниот министер за надворешни работи и кандидат на ДУИ за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, остро реагираше на извикувањата на навредливи и заканувачки слогани за време на трибина во Куманово, одржана пред владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски.
„Скандирањата за ‘смрт на Шиптари’, за ‘гасни комори’, за ‘чиста Македонија’ пред бројна Владина делегација предводена од Премиерот претставува скандал сам по себе на кој треба сите да реагираат“, напиша Османи на социјалните мрежи.
Тој го обвини премиерот Мицкоски дека не покажал свест или грижа за ваквите пораки што, според Османи, носат сериозна закана за соживотот и стабилноста на државата.
„Отсуството на реакција, пак, од самиот Премиер, и од Владата, испраќа позагрижувачка порака за нормализација на овие трендови“, предупредува Османи.
Според него, Мицкоски „ја пропушти шансата да покаже дека е Премиер на сите граѓани, и дека барем симболично е загрижен за навредите и заканите испратени кон Албанците во земјава“.
„Тој требаше веднаш да ја напушти салата, или во најмала рака, преку реакција на социјалните мрежи, да ги осуди овие скандирања“, додава Османи, посочувајќи дека Владата не реагирала ниту преку официјално соопштение, иако, како што вели, „има капацитет да произведува и серија соопштенија за најмали потреби“.
Поранешниот шеф на дипломатијата истакна дека овој инцидент не е изолиран, туку дел од поширока практика.
„Овој скандал на трибините во Куманово не преставува изолиран случај, туку уште еден во низата преку кој Власта ја поттикнува, или во најмала рака, ја нормализира антиалбанската реторика во општеството“, напиша Османи.
Како потсетување, тој го спомена и коалицискиот партнер Богојевски, за кого вели дека „се прослави со навреди и понижувања на Албанците, а беше награден и подоцна заштитен од самиот Премиер“.
„Ова се опасни и загрижувачки тенденции, и оние кои ѝ мислат добро на земјата не треба да ги толерираат овие испади, туку треба јасно и недвосмислено да ги осудат“, заклучува Османи.