Граѓанската иницијатива „Независни за Карпош“ соопшти дека на претстојните локални избори ќе излезе со самостојна граѓанска листа, откако донела одлука да не се приклучи кон формирањето политичка партија заедно со други независни иницијативи.
„Остануваме на принципот дека самостојното делување ни овозможува да се прилагодуваме на секојдневните барања и приоритети на граѓаните во нашата општина. Таа флексибилност, која ја сметаме за клучна за нашата ефикасност, е многу потешко остварлива во рамки на поголема група или партија, каде процесот на одлучување е подолг и често ќе бара компромиси на сметка на локалните потреби,“ велат од иницијативата.
Тие истакнуваат дека „приклучување кон партија отсекогаш била последната опција за учество на избори“, додавајќи дека „сè додека постојат други можности со кои ќе ја задржиме нашата независност и принципите на граѓанското работење – ќе ги искористиме тие опции“.
Од „Независни за Карпош“ нагласуваат дека „конфузијата и неизвесноста за независните иницијативи создадени од партиите нема да нè одвратат од нашата визија и посветеност да понудиме решенија за квалитетен живот на граѓаните на општина Карпош“.
Во пораката до јавноста тие упатија честитки и поддршка до сите кои ќе продолжат со процесот на формирање нови партии и листи:
„На независните иницијативи што продолжуваат со процесот на заедничко формирање политичка партија ‘Независни заедно’ и на сите новоформирани партии и независни листи им посакуваме искрен успех и остануваме отворени за соработка со нив и со сите останати граѓански иницијативи и чинители со кои делиме теми од интерес и каузи.“