Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, му оддаде признание на Тотенхем против кого неговиот тим синоќа победи на пенали во Суперкупот на УЕФА.
Европскиот шампион ПСЖ го освои Супер купот на УЕФА откако во Удине по изведување на пенали го совлада освојувачот на Лига Европа Тотенхем. Во регуларниот дел натпреварот заврши 2:2, а по изведувањето на пенали 4:3 за екипата од Париз.
Премирлигашот поведе во финишот на првото полувреме со голот на Мики Ван де Вен во 39.минута, а на почетокот на вториот дел екипата од Лондон го зголеми водството на 2:0 стрелец на голот беше Кристијан Ромеро.
Неизвесност во завршницата донесе Канг Ин Ли со голот во 85.минута, а голот за изедначување (2:2) го постигна Гонзало Рамош во 90+4 минута.
– Тотенхем одигра одличен натпревар, беа посилни од нас. Не знам дали овој резултат е фер, но тоа е фудбалот. Сè уште треба да се подобриме. Можевме да се бориме до крај, но сè уште можеме да се подобриме. Лукас Шевалие беше неверојатен и многу сум среќен за него. Ако треба да кажам нешто што беше важно за нас минатата сезона, тоа е нашето верување. Веруваме дека секогаш можеме да победиме. Многу сум среќен, и покрај фактот дека овој резултат можеби е нефер кон Тотенхем, изјави Енрике за веб-страница на УЕФА.
За ПСЖ, овој трофеј беше петти во 2025 година. Претходно, парискиот тим ја освои Лигата на шампионите, Лига 1, Купот на Франција и Суперкупот на Франција.