Поранешната директорка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, која вчера ја објави својата кандидатура за градоначалничка на Општина Центар, поддржана од Платформата „Независни заедно“, тврди дека само 11 часа подоцна била контактирана од полицијата за да ѝ биде врачена кривична пријава.
„По 11 часа откако ја објавив мојата кандидатура за градоначалничка на Општина Центар, полицајци затропаа на мојата врата,“ напиша Ивановска на социјалните мрежи.
Таа објаснува дека синоќа во 20:30 часот двајца полицајци дошле да ѝ ја предадат поканата, но не ја затекнале дома. „Утринава веднаш појдов да ја подигнам Поканата од ОЈО Скопје за да видам за што станува збор. Ме повикуваат на разговор на 19 август,“ наведува таа.
Ивановска додава дека нема што да крие и дека не се плаши од притисоци:
„Јас немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци. Мојата цел е достоинствен живот во Центар и нашата битка заедно со ‘Независни заедно’ е отпор против воспоставените антивредности на корупција и клиентелизам кои нè доведоа до оваа ситуација.“
Таа истакнува дека со поддршката на граѓаните ќе се врати моќта во нивни раце. „Ние со вашата поддршка ќе ја вратиме моќта кај граѓаните и нивното достоинство затоа што институциите треба да ни служат нам, а не на центрите чиј интерес е профитот,“ пишува Ивановска.
Во однос на кривичната пријава, таа вели дека ќе ја информира јавноста за развојот на настаните. „Јас навреме ќе ве информирам за ситуацијата околу оваа кривична пријава, но секако, адреса на информирање е и Обвинителството како е надлежна институција“.
Од ЈОРСМ, пак, посочуваат дека јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18.02.2025 година и презема дејствија за да ги провери наводите.
– Како едно од дејствијата е испитување на наведеното лице кое во периодот на кој се однесува пријавата била претседателка на ДКСК. Поканата за испитување од Обвинителството е испратена на 25.07.2025 година и на ниту еден начин не може да се доведе во релација со политичките активности на поканетата, посочуваат од Обвинителството.
На прашањето зошто полицијата ја барала Ивановска да и ја достави кривичната пријава од Обвинителството наведуваат дека „испраќање покани преку МВР не е невообичаена постапка и се користи често, бидејќи има проблем со достава од редовната пошта“. Во конкретниот случај, наведуваат, од таму начинот на достава е избор на предметниот јавен обвинител.
Поканата според Обвинителството е пратена многу (време) пред најавата за кандидатура. Пријавата била поднесена пред шест месеци, но од Обвинителството посочуваат дека во меѓувреме се преземени многу дејствија, прибавен е конкретен предмет и извршени распити на повеќе други лица.
Досега, според Обвинителството Ивановска не е повикана на распит бидејќи пријавеното лице вообичаено последно се вика на распит.
Од ЈОРСМ не објавуваат која е причината за кривичната пријава наведувајќи дека се работи за приватна пријава и дека не се во можност да споделат детали додека не се проверат наводите дали воопшто има основ. – Обвинителството не би ни објавило дека е пријавена ако сама не обзнанеше, посочуваат од ЈОРСМ.
Поврзано: