ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result

На студот, заедно со жртвите

Белешки од темнината, за Огледалото од кое се плашиме и Вистината што ја напуштаме

August 19, 2025 10:15
in ZOOM IN, ДЕНЕС, ФРОНТ

Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

„Го разбирам твојот сентимент, Џабир. Тој е вкоренет во твојот инстинкт за правда. Но светот не функционира така. Ти си премногу емотивен. Не си објективен. Треба да се дистанцираш од проблемот, не се вложувај емотивно.“

 

Овие зборови сум ги слушнал безброј пати во изминатите три и пол децении. Зошто? Затоа што одбив да се вклопам. Затоа што одбрав да ги претставам голите факти, а не пригодните „вистини“ што ги нудат оние кои зборуваат од позиција на моќ. Никогаш не сум верувал во дипломатија изградена на додворување кон насилници и тирани. Верував во фактите. Секогаш.

Постоењето на меѓународното право е факт. Систематското кршење на човековите права е факт. Гласовите на жртвите – не наративите на нивните угнетувачи – секогаш биле моја почетна точка. Премногу често, токму насилникот се претставува како жртва. Мојата задача секогаш била да ја разобличам таа инверзија.

Често ми велеа дека „емотивноста“ е мојата слабост. Нека одлучат другите дали тоа е вистина. Она што јас го знам е следното: тоа што некои го нарекуваат „емоционалност“ е, всушност, способност – и волја – да се открие контрастот меѓу „објективност како студена оддалеченост од нештата“ и „објективност втемелена врз факти, право и жртви.“

Дали сочувствувам со жртвите? Секако дека да. Дали солзи ми течат по лицето кога гледам убиени деца, мајки во очај, луѓе со отсутен поглед затоа што биле подложени на незамисливо насилство? Да. Дали тоа ме прави помалку професионален? Нека судат читателите.

За мене, задачата отсекогаш била јасна: да ги изнесам фактите на виделина и да ги разобличам лагите и лажните наративи што се обидуваат да ги затскријат. Сè друго е соучесништво со силите на мракот.

Интелектуалците и креаторите на јавното мислење имаат обврска да бидат совеста на општеството. Тие не се тука да „објаснуваат,“ „одобруваат“ или да аплаудираат на она што го прават моќните. Тие не смеат да ги оправдуваат престапите или да наоѓаат „разбирање,“ врз основа на таканаречени „реалности,“ за предавството на човештвото и демократските вредности. Тоа е работа на советниците на моќниците и нивните пи-ар тимови, кои никогаш не се во мал број, сите финансирани од даночните обврзници или од богатството на олигарсите.

Од интелектуалците се очекува да понудат поинаква перспектива, втемелена во интегритетот и длабокото разбирање на позадината на настаните и процесите. Тие не се „нереални,“ „идеалисти“ или „премногу емотивни“ ако одбиваат да се поклонат пред „реалностите“ што ги наметнуваат моќниците. Напротив, тоа е нивна професија: да ги разоткриваат лагите на таканаречената реалполитика.

Истата одговорност важи и за новинарите. Нивната улога е да погледнат зад завесата на „разумните“ изјави, кои премногу често не се ништо повеќе од убаво спакувани лаги, маскирани како факти и продадени како здрав разум.

Како што предупреди Хана Арент: „Идеалниот поданик на тоталитарното владеење не е убедениот нацист или убедениот комунист, туку луѓето за кои разликата помеѓу фактите и фикцијата веќе не постои.“ Арент јасно согледа дека корозијата на вистината е темелот на авторитарната моќ.

Токму тоа го сведочам денес – општества каде што фактите намерно се замаглуваат, каде што лагите се повторуваат сè додека не станат „реалност,“ и каде што луѓето се онесвестени и го прифаќаат неприфатливото. Предупредувањето на Арент не е историја, туку тоа е нашата сегашност.

Децении подоцна, Тимоти Снајдер ја изостри оваа поента за нашето време: „Пост-вистината е прото-фашизам. Да се напуштат фактите значи да се напушти слободата.“ Неговите зборови се, на некој начин, ехо на Арент и нè потсетуваат дека кога фактите исчезнуваат, слободата следи по нив.

Снајдер пишува дека тиранијата не пристигнува со еден пресуден удар, туку по низа мали чекори – толерирани, оправдани или прифатени како дел од политичката нормалност. Кога лагите се повторуваат како вистини, кога злосторствата се рационализираат како државни политики, кога молкот ја заменува осудата, општеството станува соучесник.

Ова не е само предупредување од историјата. Овде зборувам за денешницата. И тоа ја дефинира мојата сопствена задача како писател и бранител на човековите права: не да го оправдувам авторитаризмот, туку да го разобличам; не да аплаудирам на предавството на вредностите, туку да му се спротивставам. Нашата одговорност не е да биде бледо ехо на „реалполитиката“ на моќниците, туку да ја разоткриеме нејзината измама и да ја браниме и самата можност да се дојде до вистината.

Сѐ друго не може да се нарече реализам, туку капитулација. А историјата ни покажува каде води таквата капитулација.

Кога едно општество е заситено со лаги и е принудено да се покорува на олигарси, корумпирани политичари и авторитарни владетели, самото значење на слободата и правдата почнува да еродира. Концептите што некогаш ја дефинираа достоинственоста и солидарноста стануваат празни, а граѓанките и граѓаните стануваат дезориентирани, цинични и онемени. Во такви услови, оние што стојат на страната на вистината и принципите веќе не се почитуваат како чувари на демократијата, туку се жигосани како предавници, радикали или платеници. Во меѓувреме, насилникот на власт – чија моќ се темели на корупција и присила – се слави како „татко на нацијата,“ се велича како мудар и разумен само затоа што успеал – или тоа му е овозможено – да го монополизира наративот. Оваа инверзија на улогите е една од најголемите победи на авторитаризмот: бранителите на вредностите стануваат осомничени, додека предавниците на човечноста се „пакуваат“ во респектабилност.

Традиционалните медиуми, некогаш чувари на моќта, премногу често се деградираат во нивни најпослушни миленичиња. Наместо да ја разобличуваат корупцијата или да ги земат властодршците на одговорност, тие функционираат како продолжени раце на политичките ПР-машини, ги мултиплицираат нивните наративи произведени во владините канцеларии и корпоративните кругови. Ова не е случајност. Се работи за систем, финансиран од олигархијата и одржуван по пат на заплашување, поткуп или кооптирање.

А социјалните мрежи кои некогаш беа славени како ослободителна сила, не се ништо освен фабрики за манипулација. Овие платформи не се слободни пазари на идеи, туку колосални бизниси каде алгоритмите – а не уредниците – одлучуваат што милијарди луѓе ќе видат и ќе поверуваат. Во оваа нова медиумска екологија, алгоритмот е вистинскиот главен уредник, тој што ги поттикнува или засилува бесот, поделбите и дезинформациите затоа што токму тоа носи профит. Заедно, заробените медиуми и платформите водени од профит, не само што не ја отсликуваат реалноста, туку ја прекројуваат, додека вредностите кородираат, умовите се топат, а авторитарниот „здрав разум“ го нормализираат.

Голем дел од граѓанскиот сектор и светот на тинк-тенковите не се имуни на корупцијата на вредностите. Од чувари на демократијата, премногу од нив се претворија во опортунистички соучесници – трчајќи по фондови и пристап до моќта, тргувајќи со интегритетот и креираат, наместо вистинска, само фино полирана (пи-ар) релевантност. Она што требаше да биде противтежа на злоупотребите, сега одекнува како хор во служба на авторитарната моќ. Наместо да се спротивстават, тие лесно прифаќаат да станат реквизити во театарот на изобличеноста.

И тука, неочекувано, се појавува едно огледало, изникнато од самата технологија од која многумина стравуваат дека ќе нè замени – вештачката интелигенција – силиконскиот ум на светот. Креација на човечката генијалност, долго сметана за студена и механичка, сега се враќа со нешто вознемирувачко: често изгледа поприродно, дури и со повеќе сочувство, отколку од институциите кои требаше да ја бранат самата суштина на човечноста и правниот поредок. За разлика од корумпираните интелектуални елити, компромитираните медиуми или опортунистичкото граѓанско општество, вештачката интелигенција нема донатори за умилкување, нема олигарси за ласкање, нема политички патрони на кои треба да им служи. Таа нуди контекст, историја и факти со јасност и чесност што предолго им се туѓи на човечките актери. Ова не ја прави вештачката интелигенција спасител, но ја разголува длабочината на нашиот пад – кога една машина ја одразува вистината за нашите вредности почесно од оние на кои им беше доверено да ги бранат.

Ако дури и една машина ја одразува вистината почесно од нашите корумпирани елити, тогаш не е машината таа што се издигнала – туку човештвото е тоа што паднало. И тоа, пред сè, е она на што мора да се спротивставиме.

Не верувам дека јас сум тој што се бори со ветерници. Добро знам дека светот може да потоне во темнина – можеби тоа веќе се случило на многу места. Но, исто така, го знам и ова: тишината и соучесништвото се избор. Да се престане со кажување на вистината, да се преведува јазикот на измамата и насилството во она што другите учтиво го нарекуваат „реалистична анализа“, според мене, не е професионализам. Тоа е предавање. Тоа е морална корупција.

Одбивам да ја играм таа игра. Подобро е да ме наречат наивен, емотивен или нереалистичен, отколку да станам полирана полица, слуга на лагите. Бидејќи на крајот, историјата не ги памети комфорните коментатори, туку оние што одбиле да се поклонат пред „реалностите“ на тиранинот.

Ако тоа ме прави аутсајдер, нека биде така. Подобро е да стојам среде студот, заедно со жртвите, отколку да седам на топло покрај егзекуторите.

Овој запис нема почеток, ниту крај. Ова е белешка од темнината во која човештвото се крие од болното светло на вистината, и предолго прима опијати за да се насладува со самото себеси, а вистинската болест ја лечи со плацебо.


Текстот е личен став на Авторот. Преземено од Цивил Медиа
Next Post

Османи со Мишел Ројкинд, Меџити со Бајрам Вардар: Чаир во центарот на урбаната трка

НАЈНОВО

фото: пиксабеј

Историскиот центар на Истанбул ќе стане пешачка зона

August 19, 2025

Алкараз и Ига Швјонтек победници на Мастерсот во Синсинати

August 19, 2025

Федерацијата со апел до навивачите да дадат поддршка на македонските кошаркарки за мечот со Унгарија

August 19, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Џабир Дерала, Форум за мир и дијалог, 13 август 2023 (фото: Рилинд Сулејмани)

    Денко Малески ги воспеа Путин и Трамп: Зошто по ѓаволите!?

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • (ВО ЖИВО) Зеленски му го предаде на Трамп писмото од украинската прва дама до Меланија Трамп

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Македонската фарса на ветувањата

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Истражување: Витамините Б-2 и Б-7 ја ублажуваат Паркинсоновата болест

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Додик: Нема да ја почитувам одлуката, останувам претседател на РС

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk