Инфекциите отпорни на антибиотици остануваат сериозна закана за јавното здравје во Германија, придонесувајќи за десетици илјади смртни случаи годишно, покажува студија на Институтот „Роберт Кох“ (RKI), Универзитетот во Вашингтон и други научни институции.
Истражувањето, објавено во списанието Journal of Antimicrobial Chemotherapy – Antimicrobial Resistance, откри дека околу 45.700 лица во Германија починале во 2019 година во врска со патогени отпорни на антибиотици.
Во одредени случаи отпорноста не била директна причина за смрт, но сепак најчести смртоносни исходи биле инфекции на крвта, респираторниот систем и абдоменот. Приближно 9.600 смртни случаи може да се припишат директно на отпорноста – што значи дека пациентите можеле да преживеат доколку бактериите не биле отпорни.
Според официјалните статистики, во 2019 година во Германија биле регистрирани вкупно 939.500 смртни случаи.
Институтот RKI нагласува дека отпорноста на антибиотици претставува „една од најголемите глобални здравствени предизвици на нашето време“, поттикната од прекумерна употреба, предолги терапии или несоодветни рецепти, кои создаваат услови за ширење на отпорни соеви.
Истражувачите апелираат за поефикасна превенција и попрецизна контрола, посочувајќи дека внимателната и рационална употреба на антибиотици е клучна за ограничување на проблемот.