Во касарната „Јане Сандански“ во Штип денеска беше свечено испратен македонскиот контингент од околу 280 војници, кои ќе учествуваат на меѓународната воена вежба „Saber Junction 25“ што се реализира во Хохенфелс, Германија. Контингентот е опремен со формациска опрема, вооружување и воени возила, меѓу кои и новите лесни оклопни возила JLTV.
Како што соопштуваат од Минитертвото за одбрана, на испраќањето присуствувале министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Министерот Мисајловски им порачал на војниците да бидат горди што ја носат армиската униформа и што ја претставуваат државата пред сојузниците, нагласувајќи дека Министерството и Армијата се подготвени да дадат целосна поддршка за секој предизвик.
Генералот Лафчиски истакнал дека за прв пат од постоењето на Армијата, формација од ваков состав — зајакната чета со сите елементи на маневар, борбена поддршка и самоодржливост — ќе биде распоредена на вежба надвор од територијата на државата.
Македонскиот контингент, кој е најголем досега што учествувал на оваа серија вежби, е дел од Лесната пешадиска баталјонска група и ќе има можност за дополнителна подготовка пред оценувањето на борбената готовност во 2026 година. Покрај развојот на интероперабилноста со НАТО сојузниците и партнери, вежбата има за цел да извежба распоредување на поголема единица надвор од државата, стратегиски транспорт, самоодржливост и логистичка поддршка.
„Saber Junction 25“ е организирана од Командата на американската армија за Европа и Африка и вклучува учество на голем број НАТО сојузници и партнери.