Кандидатката на СДСМ за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, оцени дека изминатите четири години под власт на ВМРО-ДПМНЕ градот западнал во хаос и целосно запоставување на интересите на скопјани.
„Граѓаните точно знаат од кого беше доведено Скопје до оваа состојба и кој е виновникот за катастрофата со која се соочува градот. Последниве четири години со ВМРО-ДПМНЕ на власт во Скопје видовме што значи хаос, неодговорност и целосно игнорирање на интересите на граѓаните,“ изјави Шукова.
Таа порача дека, според неа, Скопје било жртва на партиски интереси и политички пресметки.
„Никогаш нашиот град не бил толку далеку од своите граѓани. Ова се случува секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ владее со градот. Тие го претвораат градот во свој партиски вилает за да ги спроведуваат партиските агенди,“ рече таа.
Шукова нагласи дека скопјани секојдневно сведочат за последиците: уништен јавен превоз, запуштена чистота, преполни контејнери и културно пропаѓање. „Скопјани очекуваат решенија. Очекуваат чист, уреден, културен град. Очекуваат градоначалник со визија и план, без лажни ветувања и хартиени мегапроекти,“ додаде таа.
Кандидатката на СДСМ остро го критикуваше противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, обвинувајќи го за поддршка на криминално дивоградителство и урбанистички хаос. „Наместо одговорност и решение, гледаме позирање со коалициските партнери од ВЛЕН – истите што го создадоа овој урбанистички хаос,“ рече Шукова.
Таа истакна дека Скопје не смее да добие уште еден градоначалник кој ќе работи за профитот на владејачката елита.
„Тоа мора да биде поразено на изборите. Нашиот град е за живеење, а не партиска каса за богатење,“ порача Шукова.
На крајот, таа подвлече дека изборите на 19 октомври се можност за вистинска промена.
„Скопје мора да добие градоначалник кој нема да дели, туку ќе обединува, кој нема да фаворизира елити, туку ќе работи исклучиво за својот град,“ заклучи кандидатката на СДСМ.