Иран денеска го отфрли обвинението од Австралија дека е вмешан во антисемитските напади во Сиднеј и во Мелбурн и предупреди дека ќе преземе реципрочни мерки поради протерувањето на иранскиот амбасадор од Канбера.
– Категорично го отфрламе обвинението, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багај, додавајќи оти „секоја несоодветна и неоправдана мерка на дипломатско ниво ќе резултира со одговор“.
Претходно, австралиската Влада соопшти дека го протерува иранскиот амбасадор и го обвини Техеран дека е вмешан во антисемитски напади во Мелбурн и во Сиднеј.
Разузнавачките служби дојдоа до длабоко вознемирувачки заклучок дека Иран организирал најмалку два антисемитски напади кон крајот на 2024 година, изјави австралискиот премиер Ентони Албанез.
Тој додаде дека Иран стои зад подметнатите пожари во кошер кафуле во предградието на Сиднеј во октомври 2024 година и во синагогата Адас Израел во Мелбурн во декември 2024 година. Во двата инциденти немаше повредени луѓе.
Австралија првпат по Втората светска војна протерува дипломати.
– Австралија им даде на амбасадорот и на уште тројца ирански дипломати рок од седум дена да ја напуштат земјата, изјави шефицата на австралиската дипломатија.