Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денеска, во рамки на дводневната работна посета на Брисел, оствари средба со еврокомесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос.
Како што информира Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски и Кос ја нагласија силната поддршка за проширувањето на Унијата, и од страна на земјите членки и од страна на граѓаните на Северна Македонија, за што се потврда и наодите од последниот „Евробарометар“.
На средбата беше поздравен реформскиот пристап на Владата, особено исполнувањето на обврските од реформскиот процес и имплементацијата на Планот за раст. Министерот Муцунски нагласи дека реформите поврзани со евроинтеграциите остануваат високо на домашната политичка агенда, со силен фокус на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Министерот изрази благодарност за личниот ангажман на еврокомесарката Кос во пристапниот процес, особено во контекст на нејзиното учество и поддршка на Самитот за Планот за раст, што неодамна се одржа во Скопје.
Соговорниците разменија мислења и за неодамнешното приклучување на државата кон СЕПА, како и за иницијативата за постепено укинување на роаминг трошоците помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија. Одлуката за оваа иницијатива се очекува на почетокот на 2026 година, како дел од бенефитите на постепената интеграција во Унијата.
На средбата се дискутираше и за актуелните регионални и глобални случувања, при што беше потврдена заедничката поддршка за Украина и заложбата за што побрзо постигнување на праведен и одржлив мир.