Алијансата за Албанците денеска реагираше на изјавите и обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи ги како „клевети и очајнички обиди за пренасочување на вниманието од сопствените неуспеси“.
„Кога ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски фрлаат отров, станува јасна една непобитна вистина: тие се шампиони на клеветата и ништо од тоа што го зборуваат не држи,“ се вели во реакцијата на АА.
Од партијата потсетуваат дека ВМРО-ДПМНЕ била нивен коалициски партнер и на локално и на централно ниво, без да има приговори кон нивната работа, а денес, како што велат, „мизерно се обидуваат да плетат лаги и басни“.
„До вчера немаа ниту една забелешка кон АА и претседателот Арбен Таравари, а денес, откако им ги расипавме мрачните планови против Албанците во Северна Македонија, очајнички се обидуваат со измислици да ја дефокусираат јавноста,“ наведуваат од Алијансата.
Партијата обвини и за „масовна корупција во времето на ВМРО-ДПМНЕ“, додавајќи дека „нивните рушевини од корупција сè уште стојат во Вардар, во центарот на Скопје, и не можат да се измијат ниту со водите на реката, ниту на кој било океан“.
Во реакцијата се нагласува дека Алијансата за Албанците носи независни одлуки и затоа ја напуштила владината коалиција.
„АА не може да се уценува, да се купи или да се продаде,“ порачуваат од партијата.
Во однос на европскиот пат, Алијансата потсети на изјави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Самиот Мицкоски има кажано: ‘Никогаш нема да се случи членството на Северна Македонија во Европската Унија’. Неговата последна изјава дека ‘Уставните измени нема да се случат ниту пред, ниту по локалните избори’ е јасен доказ за саботажа на европскиот пат,“ наведуваат од АА.
Алијансата за Албанците смета дека Мицкоски „со антиалбанските и антиевропските ставови ја нарушува довербата во европската перспектива на земјата“ и му порача да ги прекине врските со Москва, Будимпешта и Белград.
„Албанците никогаш нема да дозволат Северна Македонија да се претвори во непријател на Европската Унија, НАТО и Соединетите Американски Држави,“ стои во соопштението.