Собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање денеска даде поддршка на Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со коишто треба да се обезбеди правна сигурност и ефикасност во постапките за
одобрување и спроведување на промените во сопственичката структура на радиодифузерите.
Како што беше појаснето на седницата, со допрецизирање на членот 42, се воспоставува јасна обврска радиодифузерите да ја спроведат одобрената промена во Централниот регистар во утврден временски рок, а на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ѝ се дава овластување да ја поништи претходно донесената одлука доколку таа обврска не биде исполнета.
– На овој начин се спречува злоупотреба на регулативата и се гарантира транспарентност и доследност во сопственичките односи во медиумскиот сектор, посочува Министерството за дигитална трансформација во образложение на Предлог-законот.
Во досегашната примена на законот било утврдено дека постојат ситуации во кои еден радиодифузер добива одобрение за промена од страна на Агенцијата, но воопшто не ја регистрира промената во Централниот регистар. Тоа создава законска
празнина, што го доведува регулаторното тело во необична ситуација со неможност да постапи заради недореченост во членот кој се менува. Со измените и дополнувањата се настојува да се воспостави јасна законска обврска и рок за реализација на промената.