Вечерва, по 20 часот, во културниот центар Буква / Bookva, во рамките на мултимедијалниот фестивал ArtArea/Артерија #9, ќе биде прикажан долгометражниот експериментален видео-албум „The Hip – Reality Overdrive“.
Филмот претставува визуелен омаж и паралелен универзум инспириран од вториот албум на алтернативниот бенд The Hip, креиран како внатрешно патување и арт-мозаик со влијанија од музика, филм, литература и сликарство.
Режисер е Јане Алтипармаков, со оригинална идеја и сценарио на Љубиша Петрушевски. Камерата ја потпишува Leni von Geleva, а монтажата ја изработија Владимир Петровски – Картер, Дарко Стефановски и Димитар Илиевски. Во улогите настапуваат Ања Илиева и Sanya Kostovska, додека музиката е целосно дело на The Hip.
Проектот е добитник на наградата за особен придонес и развој на македонската алтернативна сцена на манифестацијата Ман – Македонски Алтернативни Награди, а ДВД-изданието е објавено од PMG Recordings.
„The Hip – Reality Overdrive“ се дефинира како документ на едно време, но и визија за иднината на експерименталниот филм.






