Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, од денеска до 18 септември ќе учествува на 28. конференција на началниците на Генералштабовите на Вооружените сили од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5).
-Конференцијата, која оваа година ќе се реализира во Тирана, Република Албанија, се одржува на тема „А-5 за стабилност и соработка: Изградба на безбедна средина преку цивилно-воена синергија и регионален дијалог“. Овогодишниот настан има за цел да ја истакне важноста на цивилно-воената соработка во рамките на регионалната соработка, како еден од клучните елементи за координиран и заеднички одговор на денешните глобални предизвици, соопштуваат од ГШ на Армијата.
САД-Јадранската повелба, појаснуваат оттаму, е иницијатива воспоставена во 2003 година година, со потпишување на договор, во која покрај САД како покровител, Република Северна Македонија, Албанија и Хрватска се обврзаа низ институционална рамка да ја развиваат регионалната соработка во областа на одбраната. Во текот на 2008 година, на иницијативата се приклучија Босна и Херцеговина и Црна Гора, додека Словенија, Србија и Косово имаат статус на земји набљудувачи.