Пишува: ВОЈО МАНЕВСКИ
Дали спортот е војна ? Ако е војна тогаш според логичниот след и војната е спорт. Состојби кои можат да се подведат под ваквите дефиниции можат да се најдат и во светскиот и во нашиот спорт. Но за вистинска дефиниција за местото на спортот во заедницата денес е тешко да се зборува.
Спортот е дел од состојбите во општеството, неговата ментална состојба и вредностите кои се преовладувачки. На успесите на спортистите сме горди кога си ги присвојуваме како дополнување на некаква колективна терапија против општата депресија која владее. Интересно е кога треба да се прифати неуспехот па дури и поразот.
Тогаш, или се покажува незаинтересираност или се користи како повод за исфрлање на колективните и лични фрустрации а префрлајќи ги врз спортистите или спортските здруженија. Здруженијата се формирани врз основа на закон и во постапка пропишана во него. И клубовите се формираат според законот и треба да функционираат според неговите одредби. Законот е закон и немаше да бидеме во ваква состојба во сите сфери на општественото живеење ако беше се според законот. Проблемот кај нас е во неспроведување на законот, често неговото заобиколување или слободно толкување според интересите на некого.
Веќе е здодевно да пишуваме дека потполната партизација во сите сфери го забави ако не и закочи секој развој во државава. Но, има еден феномен каде партизацијата е измешана со групни , пријателски или лични интереси. Социолозите нека ги спојат сите дефиниции за партизација, корупција и непотизам па можеби ќе дојдат до некоја дефиниција која ќе ја објасни нашата состојба.
Борењето е нашиот најтрофеен спорт. Ова како констатација се споменува од спортските работници и коментатори кога има некој турнир или голема спортска манифестација . Понатамошни анализи за состојбите во овој спорт не се прават. Како се постигнуваат тие резултати не прашуваме, кој стои зад макотрпниот спортски живот на тие спортисти и пред се кој им ги овозможува условите за подготовки, ретко допираат таквите информации до јавноста.
Овој текст е пишуван врз основа на сознанијата за еден конкретен случај и е само дел од поттикот за дебата за состојбите.
Клубот Олимпија постои како спортски клуб, веќе пет години. Спортските работници и спортистите кои се дел од овој клуб имаат не спортски туку според нивни сознанија проблем со интереси и фрустрации на личности кои во овој момент го водат борењето во Македонија. Ова дополнително ги отсликува сите проблеми што како состојби во спортот што побргу мора да се разрешат..
Документацијата која ни ја доставија покажува дека сите законски процедури ги исполниле и потребните документи ги поседуваат.
После низа организациски и процедурални препреки боречкиот клуб Олимпија од Штип на 6. 07. 2023 . добил решение од Централниот регистар како здружение на граѓани кое обавува дејност од областа на спортот. Според документацијата сите барања на законот се исполнети. Како субјект тие започнуваат со организирање на спортски и организациски активности. Како спортски клуб се надеваат дека Б.Ф. ќе ги стави на списокот на свои членови со што според законот, ќе можат да бидат рамноправен член на федерацијата. Законот вели дека членките на спортската федерација рамноправно учествуваат во манифестациите кои ги организира федерацијата на национален и меѓународен план. Законот за финансирање на спортот и деловникот на Федерацијата определува според кои критериуми можат да се користат средства определени од Министерството за спорт.
Министерството според свои подзаконски акти ги распределува буџетските средства за федерациите и спортските здруженија. Доколку некој спортски клуб не е член на федерацијата нема можности за добивање средства за своите активности. Дополнително и ОК на РСМ нема можност да ги помага доколку се стремат да ги исполнат олимписките норми за учество на олимпијадата. Постои можност некој спортист да биде дел од олимписките процедури доколку ОК со одлука го стави спортистот под своја евиденција. Но тоа сепак е барање дупки во законот кој јасно определува која е надлежноста на клубовите и нивните здруженија
Да се вратиме на проблемот со процедурата на Б.К. Олимпија. Според законот клубот со сета документација се обраќа до Б.Ф. за вклучување во нејзините редови и функционирање како легален спортски клуб. Со тоа на спортскиот терен ќе ја потврдат и целта на сопственото основање. Клубовите мора да постигнуваат резултати во рамките на спортските натпревари за да го оправдаат своето постоење. Тие сѐ пред се спортски организации а не дебатни клубови за процедури и административни надмудрувања.
БК Олимпија секоја година испраќа барање до Б.Ф. да ги регистрира како нивен член, бидејќи ги исполнуваат сите законски услови. На нивното барање нема одговор од надлежната федерација . Целата документација е доставена и до Министерството за спорт и е побарано да се постапи според законот и деловникот на БФ. И покрај личните контакти со министерот и ветувањата дека проблемот ќе биде решен досега нема резултати. Овде да потсетиме дека и ова министерство е дел од државната администрација и за него важи законот со кој се спречува молкот на органите.
Постои со закон определен рок и доколку нема конкретно решение на надлежниот орган, законот вели – ќе се смета дека е донесено решение во полза на барателот. Ќе се смета ама овде постои игра на администрацијата што таквото решение треба да го достават до барателот за да може да го користи за намената за која го бара. И така во круг и на милост на актуелните носители на функции во федерацијата и министерството.
Сознанијата до кои дојдовме истражувајќи го овој случај се дека се работи за распределбата на средствата од министерството кои и припаѓаат на федерацијата. Обичен пазарски есап. Со зголемување на бројот на клубови средствата ќе мора да се делат на повеќе субјекти. Посебно ако некој клуб има потенцијал за остварување на спортски успеси и според правилникот ќе земе поголем дел од она што го замаат постоечките клубови кои немаат такви успеси.
И на крајот се враќаме на основната болест на ова општество. Затворен круг на пријатели, сопартијци и луѓе кои имаат личен интерес. Според раководството на Олимпија зад сето ова стои поранешен пратеник и сеуште висок партиски функционер кој е дел од друг боречки клуб. Изјавите на надлежните дека треба да му се помогне бидејќи не ѐ повеќе дел од пратеничкиот високо- платен клуб нема врска ниту со законот ниту со спортот. Законот е јасен за ваквите постапки на регистрација на клубовите а за спортот кој во основа има натпревар и постигнување на резултати не треба ниту да се елаборира. Врти- сучи проблемот е во моралот кој во основа се сведува, јас на тебе а ти на мене и кругот се затвора.
Имаат ли штета спортистите од ваквите игри и играчки. Според анализа на БК Олимпија член на клубот е испратен во соседна држава да се натпреварува бидејќи е голем талент и со потенцијалот што го поседува може да постигне големи резултати. Мора клубот да го прави тоа токму затоа што условот на секој спортист е своите спортски квалитети да ги докажува во натпреварите. Потврда за тоа се освоените европски и балкански првенства на спортистот на Олимпија.
Ако овде не се дозволува да биде дел од натпреварите тогаш излезот е во барање на алтернативи кои овој случај се покажаа исправни. Неколку спортисти од БК Олимпија се позајмени и на клубови во домашното првенство токму заради тоа да им се овозможи да се натпреваруваат. Тие успеси само ја потврдуваат тезата дека талентот и работата најдат начин да се докажат. Високите успеси на спортистите од Олимпија го осветлуваат проблемот. Ако се сопре конкуренцијата нема да бидат видливи нашите просечни успеси. Едноставно нели, а одговорноста за спортот и младите и националната гордост за спортските успеси? За тоа кој е надлежен?
Освен средствата од Министерството за спорт спортистите од Олимпија се спречени да учествуваат и во низата спортски проекти финансирани од меѓународни спортски асоцијации. Само во Европа има дваесетина вакви асоцијации и фондации кои тешко ги користиме токму поради разни лични и групни интереси.
Спортот не ѐ само натпревар. Градењето на личности кои спортуваат е општествена одговорност на секоја сериозна држава. Само во спортот може да се научи да се победува и нешто уште поважно –да се губи. Ако се научи како да се надмине поразот патот до успехот е скратен. Потребата од вложување дополнителен напор и средства да се победи оној што моментално е пред тебе е врвен критериум на денешниот спорт, економија, уметност и севкупно постоење. Со разни административни мерифетлаци и игри не го уништуваме само спортот туку го доведуваме во опасност и постоењето на нас како народ, граѓани и држава.
Преземено: Цивил Медиа