Во понеделник требаше да се одржи дебата во емисијата „Само Вистина“, на која требаше да се соочат кандидатите за градоначалници на Град Скопје.
Кандидатката Каха Шукова информира дека таа била поканета и целосно подготвена да учествува, но дебатата била откажана. „Јас бев поканета и целосно подготвена да се појавам, затоа што граѓаните заслужуваат отворена расправа за иднината на градот,“ напиша Шукова.
Таа го обвини својот противкандидат Орце Ѓорѓиевски дека одбил да учествува во емисијата. „Емисијата беше откажана затоа што Орце Ѓорѓиевски одби да учествува. Ова е уште еден доказ дека кога треба да се соочи со аргументи, тој избира бегство и изговори,“ истакна таа.
Шукова порача дека останува подготвена за соочување во секое време. „Јас сум подготвена за дебата, секогаш и секаде. Скопје заслужува транспарентност, а не кандидати кои бегаат од јавна одговорност,“ додаде таа.