Феминистичкото движење за слобода и правда на жените, „Ниту eдна повеќе!“ најавува блокада која ќе се одржи денес (25 септември) од 18:00 часот пред паркот „Жена Борец“ во Скопје.
„Се здружуваме за гласно и солидарно да зборуваме за еднаквост и живот без насилство. Движењето е резултат на нашиот гнев – затоа што жените во оваа држава не се заштитени – и нашиот страв за тоа уште колку жени живеат во насилство или под ризик од насилство, чии крици за помош се задушени секој ден. Но, истовремено е и резултат на нашата храброст и одлучност: наместо да се плашиме која ќе биде следна, тука сме да кажеме дека нема да има ниту една повеќе!“, велат од движењето.
Посочуваат дека нивната цел е да изградат заедништво и да покажат дека „не може да се продолжи како досега – да покажеме надеж за иднина без насилство, но и должна правда за сите жртви кои не беа навремено заштитени“.
„Со блокадата сакаме да дадеме насока во која сметаме дека треба да се движат промените, но уште поважно – да оставиме простор за секој граѓанин да ни се приклучи, да каже гласно што мисли, како се чувствува и што треба да се подобри во системот. Не се потребни ниту експертиза, ниту професионално искуство – доволни се животното искуство, тагата и гневот кои сите ги чувствуваме. Преку размена во јавен простор да го канализираме нашиот колективен гнев и заедно да дискутираме за решенија наспроти институциите кои ги загрозуваат нашите животи“, велат од „Ниту eдна повеќе“.
Од движењето повикуваат на одговорност и промена – законска, институционална и општествена за ниту една повеќе да не биде жртва.