Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека тој и американскиот претседател Доналд Трамп постигнале „заедничко разбирање“ за тоа како да се воспостави примирје во Газа и да се постигне траен мир во палестинските територии.
– Објаснивме како прво да се постигне прекин на огнот во Газа, а потоа траен мир. Постои заедничко разбирање за ова, изјави Ердоган по средбата со Трамп во Белата куќа.
Тој истакна дека решението со две држави останува единствена формула за траен мир на Блискиот Исток, предупредувајќи дека сегашната ситуација е неодржлива.
– Господинот Трамп е свесен дека работите не можат да продолжат вака, додаде Ердоган, пренесува Анадолија.
Турскиот претседател рече дека разговарале и за хуманитарната криза во Газа и за состојбата во Сирија, потенцирајќи дека терористичките организации немаат место во иднината на таа земја.
Ердоган ги опиша разговорите со Трамп како „искрени, конструктивни и продуктивни“ и го пофали гостопримството во Белата куќа. Тој исто така ја нагласи амбицијата Турција и САД да ја зголемат трговската размена на 100 милијарди долари.
Во однос на Медитеранот, Ердоган рече дека Турција ќе го земе својот „праведен дел од ресурсите“ и ќе соработува со соседите на принципот „win-win“. За Кипар, тој повтори дека „прашањето за федерација е затворено“.