Шефот на руската дипломатија ги обвини НАТО и ЕУ дека ја користат Украина за водење војна против неговата земја, јавија британските медиуми.
Највисокиот руски дипломат оваа забелешка ја упати во синоќешниот говор на маргините на 80-тото заседание на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Британските медиуми пренесоа дека овие негови тврдења официјален Лондон ги оценил како „лажни искривувања од светот на фикцијата“.
Лавров зборуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на Г20 во Обединетите нации откако американскиот претседател Доналд Трамп, во остра промена на реториката, ги исмеа воените акции на Москва и рече дека верува оти Украина е способна да ја врати територијата заземена од руските сили.
-Друг впечатлив пример е кризата во Украина предизвикана од Западот, преку која НАТО и ЕУ веќе (…) објавија вистинска војна против мојата земја и директно интервенираа во неа, рече Лавров.
Тој не ги спомена коментарите на Трамп, но ја потврди позицијата на Русија дека западните акции ја предизвикаа војната во Украина, која Москва ја започна во февруари 2022 година.
Шефицата на британската дипломатија, Ивет Купер, го повика Лавров, кој требаше да си замине, да остане во салата додека го започнуваше својот говор и ја осуди „неиспровоцираната војна“ на Москва.
-Не може да убеди никого ниту едно од лажните искривувања од светот на научната фантастика, од дезинформациите и од пропагандата на рускиот претставник за причините за војната, рече Купер на состанокот на министрите за надворешни работи на Г20 .