ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result

Кошта: Се соочуваме со избор на поредок базиран на правила или хаотичен свет

September 26, 2025 11:46
in ДЕНЕС, СВЕТ
Share on FacebookShare on Twitter

Светот се соочува со клучен избор меѓу меѓународен поредок базиран на правила, кој ги поддржува мултилатерализмот и Повелбата на Обединетите нации или хаотичен свет базиран на унилатерализам, насилство и непочитувања, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта доцна синоќа во обраќањето пред Генералното собрание на ОН во Њујорк.

– Алтернативата на меѓународниот меѓународен поредок базиран на правила е хаотичен и насилен свет. Каков што гледаме во Судан, каде се одвива разорен конфликт со уништување од огромни размери на кој не се посветува внимание. Каков што гледаме во Газа. Каков што гледаме во Украина, рече Кошта.

Според него, Европската Унија како проект на мир, помирување и социјална правда, точно знае на која страна е при тој избор и е и ќе остане цврст бранител на мултилатерализмот, меѓународниот поредок базиран на правила и на Повелбата на ОН.

Кошта посочи дека ЕУ го осудува тероризмот во сите негови форми, не ги заборава ужасните напади на Хамас и го поддржува правото на Израел на безбедност, но не може да молчи пред незамисливото страдање и хуманитарната катастрофа во Газа.

– Користењето на гладот како оружје во војна е неморално, изјави Кошта.

Претседателот на Европскиот совет нагласи дека исто како и Израелците и палестинскиот народ има право на безбедност и да живее во одржлива држава.

– Договор за решение за две држави е единствениот пат кон мир, безбедност и достоинство за двата народа. Ова е решението што го бараме, истакна Кошта, повикувајќи на безусловно ослободување на сите заложници, итен прекин на огнот, целосен и непречен хуманитарен пристап во Газа, крај на илегалните доселенички населби на Западниот Брег и искрена посветеност на решението за две држави.

Осврнувајќи се на случувањата во Украина, Кошта рече дека тоа е пример на јасно кршење на Повелбата на ОН, кога една суверена нација е брутално нападната од постојана членка на Советот за безбедност.

– Тоа е јасно кршење на суверенитетот, територијалниот интегритет, почитувањето на меѓународно признатите граници и правото да ја избере сопствената судбина – принципи што ги обврзуваат сите членки на Обединетите нации, истакна Кошта.

Според него, оваа агресија не ја загрозува само Украина, туку и сите нации во светот, бидејќи ако се прифати руската инвазија врз Украина, тогаш ниту една земја никогаш нема да биде безбедна и нема да може сама да решава за својата судбина.

– Нашата колективна безбедност е поврзана со отпорноста на Украина. Европската Унија цврсто стои во поддршка на Украина во нејзината борба за праведен и траен мир, во напорите да се стави крај на убиствата и Русија да седне на преговарачката маса, рече Кошта, повикувајќи на итен прекин на огнот, сериозни преговори и постигнување праведен и траен мир.

Кошта во обраќањето ја истакна и потребата од почитување на мирот и човековите права, обезбедување одржлив развој, социјалната заштита, пристојната работа и еднаквоста меѓу жените и мажите и борба против сиромаштијата, како гаранции за човековото достоинство, социјалната стабилност и траен мир меѓу народите.

Тој се осврна и на современите технолошки текови, потенцирајќи дека дигиталните технологии треба да бидат во полза на граѓаните, а не на автократите или новите технолошки олигарси, како и на климатските промени, за кои рече дека не се „лажни вести“, туку научно докажан факт што влијаат на сегашноста и иднината, па затоа е потребно инвестирање во декарбонизацијата, заштитата на океаните и градење партнерства за заштита на климата.

– Европската Унија ќе продолжи да соработува со сите партнери во духот на глобална солидарност и значајно партнерство, бидејќи мултиполарноста има потреба од ефикасен мултилатерален систем, рече Кошта.

Тој се заложи и за реформи на Обединетите нации со цел, како што рече, тие да станат поинклузивни, порепрезентативни и поефикасни.

– Во време кога мултилатерализмот е под закана, дозволете да дадеме едноставно ветување дека можете да сметате на Европската Унија. Сметајте на нас дека ќе се залагаме за мир, за мултилатеризам, за правда, за човеково достоинство, за одржливост. Дојде време јасно да се избере: Мир наместо војна, закон наместо сила, одговорност наместо неказнивост, солидарност наместо поделба, одржливост наместо криза, правда наместо нееднаквост, рече Кошта во обраќањето во кое покрај на англиски во одредени делови говореше и на француски и шпански јазик.

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

Tags: КоштаОН
Next Post

Сиљановска – Давкова: Ќе го конституирам советот за дијаспора за да ги интензивираме контактите и да бидеме заедно и тогаш кога сме одвоени

НАЈНОВО

Се формира Националното собрание на млади

September 26, 2025

ДИК го заклучи Избирачкиот список за локалните избори, вкупно 1.832.415 гласачи

September 26, 2025

Студентите во Скопје дискутираа: Тишината како рана на општеството низ романот на Мимоза Мустафаи Јонузи

September 26, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Фото: Генерирано со ВИ

    Група од 25 водечки тенисери во светот бараат поголем „колач“ од Гренд слем турнирите

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Вучиќ во ОН изјави дека Косово е „неразделен дел од Србија“ и дека се води „лажна кампања“ против Србија и Република Српска

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Игор Џамбазов: Му благодарам на Герасимовски што постави мурал и го сочува споменот на маестро Џамбазов

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Се гледа крајот, а се гледа и можен почеток

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • РУСКО ПИСМО: „Мајдан“ како закана – кремљовско предупредување до Белград и Брисел

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk