Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нема да му дозволи на Израел да го анектира Западниот Брег.
– Нема да дозволам Израел да го анектира Западниот Брег. Доста беше. Време е да се сопре сега, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа.
САД традиционално стојат на страната на Израел, дури и за време на жестоко критикуваната војна во Газа, потсетува ДПА.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска треба да се обрати пред Генералното собрание на ОН.
Екстремно десничарските министри во владата на Нетанјаху силно се залагаат за анексија на Западниот Брег, кој го сметаат за дел од библискиот Израел.
Министерот за финансии Безалел Смотрич во август се закани дека Израел ќе ја преземе контролата врз територијата доколку биде признаена палестинска држава. Неколку големи западни земји, вклучувајќи ја и Велика Британија, оттогаш го сторија тоа.
На почетокот на септември, Смотрич изјави дека Израел има цел да анектира 82 проценти од Западниот Брег.
Според медиумски извештаи, Нетанјаху планира да донесе конечна одлука само по средбата со Трамп, закажана за понеделник.
Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) неодамна предупредија против анексија на големи делови од Западниот Брег, велејќи дека таквиот потег би ги поткопал изгледите за мир во регионот и би го предал духот на Аврамските договори потпишани со Израел.
ОАЕ беа првата заливска држава што воспостави дипломатски односи со Израел во 2020 година, под американско посредство преку Аврамските договори, на кои се приклучи и Бахреин. Нетанјаху претходно ги суспендираше плановите за анексија на Западниот Брег како дел од приближувањето со ОАЕ.
Десничарската верско-националистичка влада на Нетанјаху продолжува да ги проширува населбите на Западниот Брег и Источен Ерусалим. Израел ги окупираше Западниот Брег и Источен Ерусалим во 1967 година, каде денес повеќе од 700.000 израелски доселеници живеат меѓу околу три милиони Палестинци. Палестинците ги смеаат овие подрачја за своја држава.
Сè поголем број западни земји се дистанцираат од владата на Нетанјаху поради агресивните воени дејствија на Израел во Газа. По Велика Британија и Канада, и Франција во понеделникот ја призна државата Палестина.
Нетанјаху изјави дека ќе одговори на признавањето на палестинска држава од овие земји дури по неговото враќање од САД.
– Одговорот на последниот обид да ни се наметне терористичка држава во срцето на нашата земја ќе биде даден по моето враќање од САД, рече тој.