На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ денеска ќе биде соопштена и доделена наградата „Драги 2025“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик.
Финалисти за наградата се пет преведувачи: Ермис Лафазановски за преводот од романски јазик на „Летото во кое мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак, издание на Три, 2024 година; Јасминка Марковска за преводот од норвешки јазик на „Утро и вечер“ од Јун Фосе, издание на Артконект, 2024 година, Калина Малеска за преводот од англиски јазик на „Слобода: созревање на крајот на историјата“ од Леа Ипи, издание на Или-или, 2024 година, Лидија Танушевска за преводот од полски јазик на „Емпусион“ од Олга Токарчук, издание на Антолог, 2025 година и Милан Дамјановски за преводот од англиски јазик на „Десет раскази“ од О. Хенри, издание на Светла комора, 2024 година.
Одлуката во последен круг да влезат овие пет преведувачи со изданија објавени од пет издавачки куќи и преводи направени од четири различни јазици ја донело жирито во состав: д-р Анастасија Ѓурчинова (претседател), д-р Јана Михајловска и Иван Шопов (членови)
Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирано од издавачката куќа „Антолог“ и во рамки на фестивалот „Букстар“, со поддршка на Министерството за култура и туризам и во соработка со Филолошкиот факултет при УКИМ. Наградата се состои од статуетка „Драги“ и паричен дел во износ од 40.000 денари.
-За наградата „Драги“ првично беа номинирани 35 прозни дела на 33 преведувачи, објавени од 18 издавачки куќи или поединци, за преводи направени од 17 различни јазици. Годинава првпат е воведена приоритетна книжевна категорија која ќе се менува секоја година. Во 2025 тоа е прозата (фикцијата) и опфаќа романи, збирки раскази, есеистика, дневници и сл, соопшти издавачката куќа „Антолог“.