Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција ја обвини власта на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за „политичко лицемерие и лажење на граѓаните“, откако било објавено дека е склучен договор со фирмата ИРД Инженеринг – компанија што досега беше цел на остри критики од ВМРО-ДПМНЕ.
„Колку лажни лица има ВМРО-ДПМНЕ и оваа влада на Мицкоски? Премногу. Денеска ќе објавиме уште едно“, изјави Кузеска.
Таа потсети дека како опозиција, ВМРО-ДПМНЕ секојдневно одржувала прес-конференции со обвинувања против ИРД Инженеринг, фирмата што беше ангажирана како надзор на автопатите од страна на „Бехтел и Енка“.
„Ова за ВМРО-ДПМНЕ беше ‘епски криминал’, ‘лош надзор’, ‘сомнителна компанија’. Лично Мицкоски зборуваше за ‘нов голем епски криминал’ и бараше кривична одговорност. Најавуваа раскинување на договорот, репреговарање, што ли уште не. Тоа беше ВМРО-ДПМНЕ во опозиција“, рече портпаролката на СДСМ.
Кузеска потоа покажа договор за надзор вреден 55 илјади евра, склучен на 19 септември 2025 година меѓу Македонски железници и ИРД Инженеринг. „Наместо истрага – договор. Наместо одговорност – соработка. Ова е врв на политичко лицемерие, театар за јавноста во режија на Мицкоски и ДПМНЕ“, нагласи таа.

„Додека јавно зборуваат за епски криминал, под маса склучуваат договори со истите фирми. Како тоа сите фирми што вчера беа ‘сомнителни’ стануваат нивни најблиски деловни сојузници? Или ВМРО-ДПМНЕ свесно ги лажела граѓаните или сега тие се влезени во гуша до епскиот криминал, трето нема“, порача Кузеска.
СДСМ бара премиерот Христијан Мицкоски јавно да се извини за, како што велат, „лажните изјави“, а министерот Николовски да одговори зошто е склучен договор со ИРД Инженеринг.