Литванија го прекина воздушниот сообраќај на аеродромот во Вилнус поради видени сомнителни балони во нејзиниот воздушен простор, а летовите се пренасочени, објави националната телевизија ЛРТ.
-Воздушниот сообраќај е привремено прекинат поради, колку што ни е познато, можна низа од балони што се движат кон Вилнус, изјави портпаролот на операторот на аеродромот ЛТУ за агенцијата БНС.
Аеродромот во литванската престолнина Вилнус беше повторно отворен утринава по неколкучасовниот прекин на сообраќајот поради предупредувања за приближување на сомнителните балони. Аеродромот беше повторно отворен во 4:50 часот по локално време, приближно 20 минути по првично закажаното време, соопшти операторот на Фејсбук.
Шефот на Националниот центар за управување со кризи (НКВЦ), Вилмантас Виткаускас, за ЛРТ изјави дека летачки објекти се забележани во близина на Балтеја Вок. По два часа, НКВЦ потврди присуство на 13 балони, а одлуката за затворање на воздушниот простор е донесена бидејќи постоела опасност за полетувањето и слетувањето на авионот.
Инцидентот, што се случи во услови на зголемени регионални тензии и, во последните месеци, сè почести напади со беспилотни летала во многу европски земји, доведе до пренасочување на неколку дојдовни авиони кон Летонија и Полска.
Авионите што требаше да слетаат во главниот град беа пренасочени кон Летонија и Полска или вратени назад, додека летот до Хелсинки беше откажан.
Ова нарушување на воздушниот сообраќај во Вилнус доаѓа по сличен инцидент на германскиот аеродром во Минхен, каде што аеродромот беше затворен две ноќи по ред во четвртокот и петокот поради предупредувања за беспилотни летала, пред повторно да се отвори во саботата.
Аеродромите во Копенхаген и Осло, исто така, беа принудени привремено да ги прекинат операциите во септември.
Аеродромот во Вилнус веќе беше затворен двапати претходно, во август и септември, токму поради извештаите за забранети летови со беспилотни летала во близина на аеродромот. Во август, Литванија, членка на НАТО која силно ја поддржува Украина, како одговор на влегувањето на беспилотни летала од Белорусија, сојузник на Русија, прогласи зона на забрането летање долга 90 километри, паралелна со таа соседна земја, и објави дека тоа ќе им овозможи на нејзините вооружени сили да реагираат на прекршувањата.