Претседателот на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), Александар Чеферин, на фудбалскиот самит во Португалија ја пофали величината на напаѓачот на Ал-Наср и португалската репрезентација, Кристијано Роналдо.
– Мислам дека тој е несомнено најголемиот претставник на Португалија во светот. Никогаш не сум видел некого толку мотивиран. Тој не сака да застане, сака да продолжи да се бори. Неговите достигнувања се импресивни. Мислам дека ќе ни треба двочасовен разговор за да објасниме сè. Имам голема почит кон него како личност и фудбалер, а знаеме и колку добротворни дела прави, што не треба да го прави, но сепак го прави. Тој е еден од тројцата најголеми фудбалери на сите времиња, изјави Чеферин за „О Јого“.
Четириесетгодишниот Роналдо ја мина границата од една милијарда евра со неговото последно продолжување на договорот со саудиски Ал Наср, во вредност од нешто помалку од 360 милиони евра.
„Блумберг“ го проценува богатството на Роналдо на нешто повеќе од 1,2 милијарди евра со што Португалецот стана првиот фудбалер во историјата кој ја надминал границата од една милијарда евра заработка.
Кристијано Роналдо, на церемонијата на доделувањето на „Португалски фудбалски глобуси 2025“ пред два дена изјави дека нема долгорочни планови и сè уште не знае дали ќе игра на Светското првенство во 2026 година.