Самитот за Газа, кој денеска попладне ќе се одржи во египетското летувалиште Шарм ел Шеик, ќе започне со разговор меѓу претседателите на Египет и на САД, Абдел Фатах ал Сиси и Доналд Трамп, по што ќе следи пленарна сесија со присутните лидери и шефови на држави, јави весникот „Ал Ахрам“, повикувајќи се на прелиминарната програма.
По групната фотографија, Ал Сиси и Трамп ќе дадат изјави во кои ќе ги истакнат целите на форумот и следните чекори за одржување на мирот и олеснување на хуманитарните операции во Газа.
Програмата вклучува и билатерални состаноци на маргините на настанот, а останатите точки од дневниот ред сè уште се финализираат.
Мировниот Самит привлече широко меѓународно учество. Меѓу претходно потврдените учесници се: претседателот на САД Доналд Трамп, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, кралот на Јордан Абдула Втори, емирот на Катар шеик Тамим бин Хамад ал Тани, палестинскиот претседател Махмуд Абас, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Исто така, учествуваат и премиерите на Велика Британија, Италија, Шпанија, Грција, Унгарија, Канада, Норвешка и Ирак, како и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.
Радикалното движење „Хамас“ и другите палестински фракции, како и претставници на Израел, нема да присуствуваат.
Изненадувачки, и покрај првичните најави, Саудиска Арабија се чини дека отсуствува, забележува „Ал Ахрам“.
Иранското претседателство соопшти дека претседателот Масуд Пезешкијан одбил покана од Египет, иако според непотврдени информации, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи ќе присуствува на средбата.