Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на 12 октомври 2025 година присуствуваше на премиерната изведба на театарската претстава „Уна“, во режија на истакнатиот македонски режисер Дејан Пројковски. Претставата се одигра на сцената „Данило Бата Стојковиќ“ во театарот „Звездара“ во Белград, информираат од Министерството за култура и туризам.
„Уна“ е работена според култниот роман на Момо Капор, во адаптација на Стеван Копривица.
Белградската публика со громогласен аплауз и стоечки овации ги награди актерите: Никола Ристановски, кој го игра главниот лик – универзитетскиот професор Мишел Бабиќ, Магдалена Мијатовиќ во улогата на студентката Уна, Сена Ѓоровиќ како сопругата на професорот Олга и Марко Гверо во улогата на проректорот Дукиќ. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите се на Ивана Ристиќ, а музиката на Горан Трајкоски.
Министерот Љутков истакна дека претставата „Уна“ е уште една потврда за високото ниво на соработка во културната размена меѓу Македонија и Србија, како и за креативната моќ на македонските уметници на меѓународната сцена.
Репризни изведби на „Уна“ се закажани за 13 и 26 октомври во театарот „Звездара“.