Во организација на Францускиот институт во Скопје од денеска на Широк сокак во центарот на Битола ќе биде поставена дигиталната изложба „Фауна”, која ќе биде отворена еден месец.
Како што информираат од Францускиот институт Скопје, изложбата претставува иновативен пристап кон урбаната уметност која комбинира збогатена реалност и еколошка свест. Настанот се организира во соработка со НВО Центар за деконтаминација од Битола и Француската алијанса во Битола.
Во рамките на проектот „Дигитални уметности, иновации и млади”, „Фауна” е серија на постери во голем формат кои треба да се набљудуваат со апликација за зголемена реалност. Поставени на јавен простор, постерите се надополнуваат така што нивното разгледување е налик на игра.
„Оживувањето” на постерите преку екранот во зголемена реалност овозможува да се открие некое животинче скриено во длабочината на пејзажот. Оваа изложба нè учи да гледаме поинаку и повнимателно на она што не опкружува и да ја откриеме магијата на градот.Изложбата ја презентира францускиот уметник и актер Матје Пуле, кој ќе одржи серија активности во Битола, вклучувајќи: семинар за наставници по француски јазик, креативни работилници за две групи ученици околу изложбата, посети на изложбата анимирани од страна на актерот Матје Пуле на 18 октомври во 11:30 и 12:30 часот.