Кандидатот за градоначалник на Куманово од СДСМ, Мартин Костовски, денеска обвини дека се нападнати членови на неговиот изборен штаб, oд страна на кандидатот за советник од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Самет Салиевски.
Костовски, во видео објавено на неговиот фејсбук-профил, кое е снимено пред полициската станица во Куманово, oбвинува и дека лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, е хистеричен и уплашен.
„Денеска се случи немил настан во пресрет на завршување на кампањата за локалните избори од страна на штабот на Максим Димитриевски, односно од неговиот актуелен кандидат за советник Самет Салиевски се нападнати членови на штабот на Мартин Костовски од коалицијата на СДСМ“, вели кандидатот Костовски.
Костовски рече дека случајот го пријавиле во СВР Куманово и ги повика органите на прогонот веднаш да постапат.
„Ги повикувам и ОБСЕ, Државната изборна комисија, Јавното обвинителство да се стави крај на ваквото политичко насилство врз неистомисленици и политички противници“, вели Костовски.
Тој додава дека ова веќе не се смее да се случува во едно цивилизирано општество.
Костовски упати и порака дека вечерашниот митинг во кумановски Средорек ќе се одржи, од каде што очекува дека ќе ја добие поддршката на изборите в недела.
И на локалните избори во 2021 година, против истиот Самет Салиевски беше поднесена пријава во полицијата за физички напад, тогаш како кандидат за советник од СДСМ, кон Реџеп Реџеповски од независната листа „За наше Куманово“.
ТИМОТ НА ЦИВИЛ ЗА МОНИТОРИНГ НА ХИБРИДНИ ЗАКАНИ (ЦХТМ)
Фото: Принтскрин од објавата на Фејсбук на Мартин Костовски и Самет Салиевски
Преземено: Цивил Медиа