Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски во рамки на работната посета на Обединетото Кралство, денеска оствари средба со претставници на Националната агенција за извозно финансирање – УКЕФ, информираат од Министерството за транспорт.
На состанокот, како што наведува министерството, се разговараше за подршката што ја овозможува УКЕФ кон земјите од Западен Балкан во делот на обновливите извори на енергија, транспортот и здравството.
Вицепремиерот Николоски на состанокот ги потенцираше националните стратешки планови на Македонија за развој и модернизација на инфраструктурата со посебен акцент на регионалното поврзување на патната и железничката мрежа, како и политиките за зелена транзиција.
Посебен фокус стави на изградба на брзата пруга како проект од национално и регионално значење што се реализира со огромна подршка на Обединетото Кралство преку финансиска подршка како и пренесување на експертско знаење и практики.
Македонија е пример како соработката со УКЕФ влијае врз регионалниот еконономски развој, истакна Николоски на средбата, притоа додаде дека Обединетото Кралство е стратешки партнер на Македонија во развојот на земјата и во тој конткест соработката се насочува кон подршка на економскиот и општествениот развој.
Исто така беа разменети информации за соработката меѓу Македонија и Обединетото Кралство во насока на подршката што ја обезбедува оваа Агенција во рамки на нејзините државни политики.
На средбата покрај вицепремиерот Николоски, учество земаа и ресорни министри од Србија, Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина и Албанија.