Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, остро реагираше по приведувањето на директорот на ЈП „Комунална хигиена“, нарекувајќи го потегот политички мотивиран чин на „Мицковистичкиот режим“ и обид за заплашување пред вториот изборен круг.
„Мицковистичкиот режим и МВРО да сее страв пред втор круг избори го привело директорот на Комунална Хигиена, за хаосот со ѓубрето кој токму криминалните кадри на Мицковски го креираат,“ изјави Арсовска.
Таа обвини дека претседателката на Управниот одбор на „Комунална хигиена“, Јулијана Спировска, не била предмет на полициска постапка и покрај, како што вели, нејзиното криминално минато и партиска поврзаност.
„Претседателката на Управен одбор Јулијана Спировска нема да ја апсат бидејќи има албум со сликички со сите функционери на ВМРО,“ рече Арсовска, додавајќи дека Спировска „е осуден криминалец во 2022 година со казна затвор за убиство и осуден криминалец во 2006 година за нанесување тешки телесни повреди.“
Арсовска обвини дека Спировска и членовите на Управниот одбор поставени од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, со години ја опструирале работата на претпријатието.
„Јулијана во КХС ги команда другите членови на Управен одбор од ВМРО и ВЛЕН, кои се поставени од Советот на град Скопје. Таа три години опструира нови камиони, инвестициска програма и вработувања — луѓе кои пет години ги чистат улиците не можат да добијат решение за работа поради нејзините сопартијци,“ порача градоначалничката.
Во обраќањето, Арсовска директно го нападна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, тврдејќи дека токму неговите кадри се одговорни за хаосот со отпадот во главниот град.
„Јулијана по наредба на ВМРО континуирано со години прави опструкции додека градот не се удави во смет. И сега директоров им е крив што не можел да набави 35 нови камиони бидејќи тоа Јулијана го одложила за да ги набави Орце,“ рече Арсовска.
Таа заврши со саркастична порака до Мицкоски:
„Мицко, кога ќе бегаш од Македонија за некоја година, бидејќи те болат коленцата, нема да може во гепек од кола — ќе треба во багаж од автобус да те пренесат низ граница бегајќи накај Будимпешта.“





