Американскиот Пентагон изразил незадоволство од начинот на кој режисерката Кетрин Бигело го прикажала ракетниот одбранбен систем на САД во нејзиниот нов филм на Нетфликс, „A House of Dynamite“, пишува Индипендент.
Трилерот ја следи приказната за 18-те минути што следат по лансирањето на нуклеарна ракета кон САД, додека државните функционери очајнички се обидуваат да утврдат кој стои зад нападот и како да реагираат. Во една сцена, секретарот за одбрана, чиј лик го толкува Џаред Харис, тврди дека американскиот ракетен одбранбен систем има само 50% шанси за пресретнување на ракета, и покрај тоа што чини 50 милијарди долари.
Според интерна белешка на Агенцијата за ракетна одбрана (MDA), добиена од „Блумберг“, ваквото прикажување е „драматуршки разбирливо“, но не ја одразува реалноста. Во документот се наведува дека вистинските тестови покажуваат „драстично поинакви резултати“ и дека модерните интерцептори постигнуваат 100% успешност во тестирањата во последната деценија.
Од Пентагон за „Блумберг“ потврдиле дека не биле консултирани за филмот, додавајќи дека продукцијата „не ги одразува ставовите или приоритетите на оваа администрација“. Ракетната одбрана, велат од таму, останува „клучен дел од националната стратегија за безбедност“.
Бигело, пак, за CBS Sunday Morning изјавила дека намерно одбила официјални консултации со Пентагон:
„Сметав дека треба да останеме независни. Но имавме повеќе технички советници кои претходно работеле во Пентагон и беа со мене секој ден на снимањето.“
Филмот, кој по кратка кино-дистрибуција пристигна на „Нетфликс“ во петокот, доби мешани реакции од публиката, но 79% позитивни критики на „Rotten Tomatoes“.
Во рецензија со четири ѕвезди за The Independent, Џефри Мекнаб го нарече „најзабавниот филм за масовно уништување по Dr Strangelove“.
Бигело, која во 2008 година стана првата жена добитничка на „Оскар“ за најдобра режија со The Hurt Locker, повторно покажува дека е „без конкуренција кога станува збор за интелигентна и адреналинска драма“.
Филмот A House of Dynamite е достапен на Нетфликс.
Редакција Фронтлајн





