Европската Унија и нејзините 27 земји членки во 2024 година од јавните средства издвоиле 31,7 милијарди евра за поддршка на земјите во развој за намалување на емисиите на стакленички гасови и за прилагодување на влијанијата од климатските промени. За истите цели, ЕУ дополнително мобилизирала и 11 милијарди евра од приватни извори.
Овие податоци се наведени во соопштение објавено од Советот на ЕУ во пресрет на Конференцијата на ОН за климатските промени (КOП30), што ќе се одржи од 10 до 21 ноември во бразилскиот град Белем.
Според овие податоци, половина од средствата од јавни финансии за климатските активности во земјите во развој биле искористени за адаптација на климата или за иницијативи за ублажување ма последиците од климатските промени. Од вкупниот обем на јавни финансии близу 50 проценти биле исплатени во форма на грантови.
– ЕУ активно се стреми да го прошири опсегот и влијанието на изворите и финансиските инструменти и да мобилизира повеќе приватни финансии, како главни алатки за поддршка на меѓународната акција за справување со климатските промени, согласно новата колективна квантифицирана цел усвоена во 2024 година од страна на страните на Парискиот договор. На овој начин, ЕУ ќе продолжи да ги поддржува земјите во развој за спроведување на Парискиот договор за климатските промени од 2015 година, се додава во соопштението.
Според Советот на ЕУ, ваквите податоци за 2024 година претставуваат силна потврда за решеност на Унијата и нејзините земји членки да ги исполнат своите меѓународни обврски за финансирање на справувањето со последиците на климатските промени, а пред се на колективната цел на развиените земји за мобилизирање на 100 милијарди долари годишно, пренесе МИА.





