ркестарот на Македонската филхармонија денеска ќе одржи концерт во „Златната сала“ на прочуената виенска концертна куќа „Музикферајн“, домот на Виенската филхармонија и сцена на која секоја година на 1 јануари се одржува најпознатиот Новогодишен концерт во светот.
Настапот на Македонската филхармонија на оваа престижна сцена претставува заокружување на прославата на 80-годишнината од основањето на оркестарот, како и одбележување 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Австрија.
На концертот во Виена како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски, а диригент ќе биде маестро Јерухам Шаровски од Израел. На програмата се пет традиционални македонски песни во оркестарски аранжмани на композиторот Сони Петровски, „Тешкото“ од Глигор Смокварски, „Македонска парафраза бр. 2“ од Бете Илин и Симфонијата бр. 8 од Антонин Дворжак.
Филхармонијата соопшти дека програмата е конципирана како спој на македонската музичка традиција и европската класична уметност.
„Музикферајн“ е една од најпрестижните концертни сали во светот, изградена во 1870 година според проект на данскиот архитект Теофил Хансен, инспириран од античката грчка и римска архитектура. Најпозната е нејзината „Златна сала“, со капацитет од околу 2000 седишта, прочуена по својата убавина и извонредна акустика.
На сцената на „Музикферајн“ низ историјата настапиле некои од најголемите имиња на светската класична музика – Херберт фон Карајан, Леонард Бернштајн, Клаудио Абадо, Даниел Баренбојм, Сајмон Ратл, Рикардо Мути, Густаво Дудамел, Ана Софи Мутер, Ланг Ланг, Јо-Јо Ма, како и композиторите Јоханес Брамс, Антон Брукнер, Густав Малер и Рихард Штраус, кои токму таму ги воделе премиерните изведби на некои од своите најзначајни дела.
-Настапот на Македонската филхармонија во Виена претставува значаен момент за македонската музичка сцена, со кој институцијата ја зацврстува својата позиција на меѓународната културна карта, соопшти Филхармонијата.





