Рубенс Корубин и Јове Магдески се годинашни добитници на Наградата за животно дело што ја доделува Прилеп по повод празникот на градот, 3 Ноември – денот на конечното ослободување.
Корубин е основоположник на нео-романтизмот во светски рамки, а Магдески има особен придонес за фудбалот во Прилеп. На Магдески, наградата за животно дело му се доделува постхумно.
Комисијата за одбележување значајни настани, личности и празници при прилепскиот Совет денеска ги соопшти и добитниците на третоноемвриските плакети и дипломи.
Добитници на наградата плакета по повод 3 Ноември се: компанијата „Микросам“ која одбележува 35 години постоење, Народниот театар „Војдан Чернодрински“ кој има 75-годишен јубилеј, НВО „Hand Till Hand’’ од Шведска за хуманиот и општествен ангажман во здравствената заштита, Интеракт клубот при гимназијата „Мирче Ацев“ со млади ентузијасти за вреднување на солидарноста и хуманоста и здружението на граѓани, извиднички одред „Феникс“ кој одбележува 10 години постоење.
Наградата диплома „3 Ноември“ градот им ја доделува на поединци: Петре Кироваков, поет и активист во Здружението на протераните Македонци од егејскиот дел на Македонија, на д-р Биљана Консулоска Гвероска, автор на научни публикации од областа на земјоделството, агроекологијата и тутунопроизводството, на Владимир Ѓорѓиески, репрезентативецот во билијард и на новинарката Елизабета Митреска за особен придонес во новинарството.





