Граѓаните на Холандија денеска излегуваат на нови избори за членови на Парламентот, само 23 месеци по претходните, откако во јуни годинава се распадна владината коалиција на десницата и десниот центар поради несогласувања околу мигрантската политика.
Според анкетите на јавното мислење, на изборите се очекува победа на десно популистичката Партија на слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс, која ужива поддршка на 15 до 17 отсто од гласачите што би и донело 23 или 24 места во Долниот дом на Парламентот.
Зад неа е блокот на социјалдемократската Лабуристичка партија (ПВДА) и еколошката Зелената левица (ГЛ) на поранешниот еврокомесар Франс Тимерманс со поддршка на околу 15 отсто од гласачите, пред социјал-либералната партија Демократи 66 (Д66) со меѓу 14 и 15 проценти и десно центристичкиот Христијанско-демократски повик (ЦДА) со околу 13 отсто. Ваквите резултати на блокот ПВДА-ГЛ би им донеле 23 мандати, на Д66 22 или 23, а на ЦДА 19 или 20 места.
Речиси 11 отсто од гласовите и 17 мандати се очекува да освои конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД), пред две десничарски партии – Вистински одговор 21 (ЈАК21) со нешто под осум проценти поддршка и 10 пратенички места и Форумот за демократија (ФВД) со околу четири отсто или шест или седум пратеници.
Во Парламентот, според анкетите, се очекува да влезат уште осум или девет партии, кои би освоиле од по еден до четири мандати или заедно би можеле да имаат меѓу 24 и 27 пратенички места.
Иако, се предвидува дека Вилдерс ќе биде победник на изборите, сепак шансите неговата ПВВ одново да биде дел од Владата се проценуваат само како теоретски, бидејќи токму нејзиното истапување од претходната владина коалиција на десниот центар доведе до пад на Кабинетот. Дополнително, останатите поголеми партии во текот на кампањата експлицитно најавија дека нема да коалицираат со ПВВ.
Вилдерс на ова викендов порача дека „ако ПВВ стане најголемата партија в среда“ и ако останатите партии не сакаат да разговараат или да владеат со неа, тогаш „демократијата во Холандија е мртва“.
Но, останатите големи партии најверојатно ќе се оглушат на ваквите пораки на Вилдерс и ќе се обидат да формираат Влада без ПВВ. Оттаму главната неизвесност на овие избори е кој ќе биде идниот холандски премиер. Најмногу шанси му се даваат на Тимерманс, но не се потценуваат ниту шансите на лидерите на демохристијаните Хенри Бонтенбал и на Д66, Роб Јетен.
Тимерманс во пресрет на изборите се обиде да го примени „италијанското сценарио“ на формирање единствена коалиција на партиите на левиот центар и левицата, која дури би можела да освои повеќе гласови од партијата на Валдерс, но таквиот обид пропадна. Ова од друга страна ги зголемува неговите шанси за договор за владина коалиција со партиите од центарот и десниот центар, што немаше да му биде лесно да го оствари ако во неговиот блок имаше социјалисти и екстремни левичари.
Бонтенбал, од друга страна, по доаѓањето на чело на ЦДА успеа да ја препороди партијата која на претходните избори освои само пет пратеници и дури во еден момент ја доведе во битка за вицешампионското место со блокот на Тимерманс. Но, минатата недела една негова изјави дека геј ученик треба да го напушти христијанското училиште што го посетува ако се чувствува непријатно во врска со својот сексуален идентитет, резултираше со жестоки критики на негова сметка и пад на популарноста на ЦДА за неколку проценти.
Јетен, кој беше вицепремиер во претходната холандска Влада на актуелниот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, во новата констелација на силите би можел да стане премиер како компромисно решение. Јетен би можел да предводи една центристичка коалиција во која би влегле ПВДА-ГЛ, ЦДА, Д66 и ВВД и која би имала тесно мнозинство во Парламентот, но би можела да се надева и на поддршка од некои од помалите партии.
Аналитичарите проценуваат дека доколку четирите партии и покрај нивните разлики успеат да постигнат договор за формирање коалициска Влада, на сцена ќе се врати „холандската политика базирана на компромис“. Токму партиските разлики се очекува да бидат причина за долги и сложени преговори за усогласување на идната владина програма и составот на Кабинетот.
Миграцијата беше главна тема и на овогодишната изборна кампања, како и на претходните избори во 2023 година, кога Вилдерс неочекувано оствари убедлива победа токму ветувајќи решавање на „проблемите со мигрантите“. Вилдерс и на овие избори користеше слична реторика со ветувања дека ќе бидат одбиени сите барања за азил и за користење на армијата за чување на границите од прилив на мигранти. Ваквата реторика, но и привлечноста на прашањето за мигрантите резултира и со заострување на ставовите на умерените парии по однос на миграцијата.
Сепак, овој пат, се очекува „борбата против мигрантите“ да не му ги донесе саканите резултати на Вилдерс, имајќи пред вид дека неговата партија беше водечка во досегашната коалициска Влада, која многумина Холанѓани ја оценуваат како „една од најнеефикасните во поновата холандска историја“ и дека не направила речиси ништо за спроведувањето на ветениот „најстрог миграциски режим во Европа“ и за справување со проблемот со домувањето.
Лошите оценки за Владата, покрај на ПВВ, која се очекува да загуби над четвртина од досегашните 37 пратенички места, ќе се одразат и врз останатите три партии членки на таа коалиција. Така, ВВД се очекува да загуби една третина од сегашните 24 мандати, демохристијанската партија Нов социјален договор, која во 2023 освои 20 места сега би можела да остане надвор од Парламентот, а десничарското Движење на земјоделците-граѓани (БББ) се очекува да загуби речиси половина од досегашните седум пратеници.
Парламентарните избори во Холандија се спроведуваат според чист пропорционален модел во една изборна единици беа изборен праг, при што мандатите се распределуваат според Д’Онтовиот модел. Со ваквиот систем за освојување на пратенички мандат потребни се најмалку 0,67 отсто од гласовите, што резултира со фрагментација на Парламентот. Во досегашниот парламентарен состав имаше 15 партии, меѓу кои две со по пет пратеници, пет со по три и по една со два, односно еден пратеник. Ваков состав се очекува и во новиот Парламент.





