Повеќе од две години по почетокот на реновирањето на „Камп Ноу“, играчите на Барселона ќе се вратат на својот стадион на 7 ноември, но само за тренинг кој ќе биде отворен за јавноста, објави денеска каталонскиот клуб на својата официјална веб-страница (fcbarcelona.com).
„Првиот тим на ФК Барселона официјално ќе се врати на стадионот „Камп Ноу“ в петок, 7 ноември, за да одржи отворен тренинг пред своите навивачи“, се вели во соопштението на клубот.
Тренингот ќе послужи како „оперативен тест“ за актуелниот шампион на Шпанија, пред делумното повторно отворање на стадионот, кое веќе беше одложено неколку пати, а е планирано за крајот на 2025 година.
Цената на влезницата за отворениот тренинг ќе изнесува пет евра за претплатниците на сезонски билети и 10 евра за пошироката јавност, а сите приходи ќе бидат наменети за хуманитарниот проект „Pulseras Blaugranas“.
Се очекува дека на тренингот ќе присуствуваат 23.000 гледачи, во согласност со дозволата издадена од градската администрација на Барселона, која привремено го ограничува максималниот капацитет на 27.000 седишта.
Вкупните трошоци за реконструкција на стадионот се проценети на 1,5 милијарди евра. По завршувањето на градежните работи, стадионот ќе може да прими 105.000 гледачи, што ќе биде рекорд во Европа.
 
			

 




 
 
