Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од митингот во Виница, испрати порака до поддржувачите и симпатизери на СДСМ на изборите во недела да го заокружат бројот 9 за, како што рече, да почне катарзата и реформите во партијата и да не го легитимираат ова партиско раководство кое СДСМ ја доведе во фаза на исчезнување.
-Знам дека не ви е пријатно и се чувствувате разочарани кога гледате како некогаш големата СДСМ едвај ја поминува границата од стотина илјади гласови, знам дека ви е тешко ова да го гледате. Но, на овие избори кога ќе бидете позади параванот, со гласачкото ливче пред вас и со пенкалото во рака имате две опции. Едната опција е да го поддржите против кандидатот на Митко, којшто доаѓа од СДСМ и на тој начин да го легитимирате ова партиско раководство кое не ја донесе СДСМ под биолошкиот минимум, туку буквално ја донесе СДСМ во фаза на исчезнување. И втората опција која е пред вас е да го поддржите Митко и бројот 9 и на тој начин да отпочне процес на внатрешна катарза, на внатрешна реформа во рамките на СДСМ. Бидејќи, верувајте, и 61 пратеник во Парламентот и 60 градоначалници и апсолутна власт на ВМРО-ДПМНЕ и апсолутна дисциплина што до сега е невидена на политичката сцена во Македонија, имаат потреба од силна и политички стабилна СДСМ, порача Мицкоски од мини митингот во Виница.





