Во несекојдневна сцена снимена со дрон над водите на Заливот на Калифорнија, група орки нападнала и убила голема бела ајкула — борба меѓу два врвни предатори во океанот која го остави светот без зборови. Снимките, објавени во списанието Frontiers in Marine Science, покажуваат како орките тимски ја опколуваат ајкулата, ја вртуваат на грб и ја парализираат пред да ѝ го извадат црниот дроб — орган богат со масти и енергија.
„Ловечки машини“ со стратегија
Морскиот биолог Ерик Игиера, кој со години го следи овој дел во близина на Ла Пас, вели дека орките се „совршени ловечки машини“. Тие користат неверојатна прецизност и колективна интелигенција, притоа искористувајќи природна состојба кај ајкулите наречена „тонична неподвижност“, во која животното се парализира кога ќе биде превртено наопаку.

Ново однесување надвор од Африка
До сега, вакво однесување беше забележано само кај орки во Јужна Африка, каде што тие речиси целосно ги избркаа белите ајкули од нивните традиционални живеалишта. Но новите видеа од Мексико укажуваат дека се развива нов „екотип“ — локална варијанта на орки специјализирана за лов на ајкули. Научниците сметаат дека оваа група претставува еволутивен одговор на промените во екосистемот и човечкото влијание, вклучувајќи прекумерен риболов и туризам.
Наследени вештини и интелигенција
Орките се познати по својата матријархална организација и по тоа што пренесуваат ловечки тактики од генерација на генерација. Некои видови во северниот Пацифик се хранат со лососи, други ловат делфини или дури и китови, а познат е и вид во Гибралтар кој удира по јахти — веројатно од игра, а не од глад.
Како што нагласува Игиера: „Тие имаат специфични цели и стратегии, прилагодени на пленот. Тоа не е случаен напад, туку интелигентен лов.“

Повик за заштита
Научниците повикуваат мексиканските власти да ги заштитат овие орки од прекумерни туристички активности и истовремено да преземат мерки против прекумерниот лов на ајкули. Доколку навистина претставуваат нова биолошка подгрупа, тоа би било прво официјално признато популациско разгранување на орки во регионот.
Редакција Фронтлајн





