На синоќешната свеченост на доделувањето на третоноемвриските награда по повод празникот 3 Ноември – Денот на осободувањето на Прилеп, актерката Даниела Иваноска од Народниот театар „Војдан Чернодрински“ кој е еден од добитниците на наградата, одржа силен и емотивен говор што ги потресе присутните во салата на НУ Центар за култура „Марко Цепенков“.
Ивановска ја искористи приликата за да проговори отворено за состојбата на институцијата и за, како што рече, „постхумниот апсурд“ во кој се доделува признание на театар што всушност не постои.
„Театар кој не постои во буквална смисла на зборот. Ниту како правен субјект, ниту како објект. Иронично? Да. Апсурдно? Апсолутно да,“ рече Иваноска.
„Денеска го чествуваме со награда кога една институција со 75-годишна историја се затвора, а потоа му се доделува награда. Овој момент е постхумен апсурд.“
Актерката ја обвини државата и локалната власт за рамнодушност, бирократија и молк, кои, како што кажа, го „убиле театарот“:
„Театарот не умре. Театарот го убија со молк, со неодговорност, со бирократија. И тука вечерва, каде што местото на аплаузите е во мрак, стоиме со награда и велиме — браво. За кого?“
Нејзините зборови кулминираа во порака до градот и институциите:
„Оваа награда нема да има никакво значење доколку не се засрамат сите што дозволија да се изгаси светлото на сцената. Еден град без театар е град без душа.“
Во завршницата, Иваноска повика на будење на Прилеп и на враќање на театарот таму каде што припаѓа:
„Прилеп, зошто молчиш? Град мој, не можам да те препознаам. Оваа награда нека биде последното предупредување, а не последниот збор. Отворете го театарот!“
Покрај за прелепскиот театар, на свеченоста беа доделени и наградите за животно дело на уметникот Рубенс Корубин и награди за други поединци и институции од Прилеп.
Ј. Ѓорѓиоски
Видео: ОТВ.мк
			



