Археолошко откритие во Кенија го менува нашето разбирање за човечката еволуција
Истражувачи предводени од професорот Дејвид Браун од Универзитетот Џорџ Вашингтон во САД објавија во списанието Nature Communications дека пронашле докази за континуирано користење на камени алатки во период од 300.000 години.
Тие откриле дека примитивните луѓе кои живееле пред 2,75 милиони години на археолошкото наоѓалиште наречено Наморотукунан користеле камени алатки континуирано 300.000 години, пренесува Би-Би-Си.
„Мислевме дека користењето алатки било краткотраен експеримент. Но кога гледаме докази во период долг 300.000 години, тоа едноставно не е можно. Ова е долга континуирана традиција на однесување,“ изјави проф. Браун.

Археолозите пронашле над 1.300 камени сечива, чекани и јадра изработени со прецизни удари врз камења од речни корита – техника позната како Oldowan, првиот систематски метод за изработка на алатки во човечката историја. Камењата биле внимателно избрани според квалитет, што покажува дека изработувачите биле искусни и свесни, вели д-р Дан Палку Ролиер од Универзитетот во Сао Паоло.
„Овие луѓе биле извонредно остроумни. Знаеле да ги препознаат најдобрите материјали – некои од алатките и денес се доволно остри за да ви пресечат прст,“ вели Ролиер.
Технологијата – клуч за преживување во сурови услови
Геолошките податоци покажуваат дека тогашната околина се менувала драматично: влажните мочуришта се претворале во суви тревни предели и полупустини, со чести пожари. Наместо да се приспособуваат биолошки, овие рани луѓе се прилагодиле преку технологијата, користејќи алатки за обработка на месо и ископување корени.
„Технологијата им овозможила да преживеат без да мораат еволутивно да го менуваат телото – тие го менувале начинот на кој го наоѓале храната,“ објаснува д-р Ролиер.
Во трите археолошки слоја се пронајдени и животински коски со траги од сечење, што укажува дека користеле месо како клучен извор на храна. Истражувачите сметаат дека токму оваа интелигентна употреба на технологијата ја одвоила човечката гранка од останатите примати.
Откритието ја поместува границата на човештвото
Локалитетот датира од пред околу 2,75 милиони години, кога во регионот живееле најраните претставници на човечкиот род со релативно мали мозоци, заедно со нивните претходници – австралопитеците. Новите докази покажуваат дека континуираното користење на алатки започнало многу пред зголемувањето на мозокот, што го менува класичното разбирање за еволуцијата.
„Долго време мислевме дека големиот мозок ја поттикнал технологијата. Но сега гледаме дека токму технологијата можеби ја поттикнала еволуцијата на мозокот,“ вели проф. Браун.
Истражувањето од Наморотукунан отвора ново поглавје во археологијата: доказ дека нашата способност да го контролираме светот преку технологија започнала милиони години порано – можеби тоа било вистинскиот почеток на човештвото.
Редакција Фронтлајн





