Меѓународниот ден на ромскиот јазик не е само датум во календарот, туку е потсетник дека јазикот, како жив мост меѓу генерациите ги поврзува минатото, сегашноста и иднината на еден народ. Да не заборавиме дека секоја нација, секој народ, секоја заедница е дел од мозаикот што ја создава убавината на нашата земја и на Европа. Затоа, кога го чуваме ромскиот јазик, ние чуваме дел од нашата заедничка човечка приказна, порача денеска министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, Шабан Салиу на одбележувањето на Меѓународниот ден на ромскиот јазик – 5 Ноември.
Јазикот, според него, е најмоќниот симбол на припадност и самопочит, а Меѓународниот ден на ромскиот јазик, не потсетува дека јазикот не е само средство за комуникација, туку и знак и на идентитетот, достоинство и духовна сила.
– Ромскиот јазик, како дел од големото културно богатство на човештвото, со векови опстанува низ времињата на промени, миграции и предизвици. Тој го пренесува колективното сеќавање на еден народ што и покрај сите искушенија успеал да ја зачува својата култура, музика, приказна и надеж. Овој ден, прогласен од УНЕСКО во 2015 година, не потсетува на обврската што ја имаме да го чуваме и развиваме јазичното наследство на Ромите како дел од европската и светската цивилизација, рече Салиу.
Македонија, нагласи, е држава, која се темели на принципите на еднаквост, мултикултурализам и меѓусебна почит. Токму во таа насока, подвлече Салиу, Владата преку Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, поставила јасна рамка и визија да создадеме општество во кое секој Ром ќе има еднакви можности за образование, вработување, пристојни услови за живеење и целосно учество во јавниот живот.
На одбележувањето на Меѓународниот ден на ромскиот јазик денеска во Владата, меѓу другите присуствуваа и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши и министерката за образование и наука Весна Јаневска.
За претседателот на Собранието Гаши, Ромскиот јазик е дел од културниот мозаик што го збогатува нашиот општествен идентитет.
– Затоа заштитата и развојот на ромскиот јазик значи всушност заштита на меморијата, достоинството и динамиката на една заедница која дала многу на нашето општество, рече Гаши.
Собранието, нагласи тој, останува посветено на гарантирање на заштитата и унапредувањето на правата на ромската заедница преку зајакнување на инклузивните политики во образованието, културата и граѓанското учество.
– Разновидноста не е поделба, туку извор на сила и наша должност е да го претвориме овој ден во повик за единство, меѓусебно почитување и конкретни дејствија, истакна Гаши.
Ромскиот јазик, според министерката Јаневска, е дел од нашето заедничко културно богатство и преку образованието станува дел од нашето заедничко наследство, кој, како што рече, имаме должност и со задоволство ќе го чуваме и негуваме.
– Министерството за образование и наука континуирано работи на унапредување на образованието на ромската заедница и на создавање услови за одржливо изучување, промоција и заштита на ромскиот јазик, истакна Јаневска.
Во таа насока, посочи дека со измените на законската регулатива учениците имаат можност да го изучуваат изборниот предмет, јазик и култура на ромите и во групи помали од 15 ученици. Обезбедени биле и современи наставни материјали кои ќе придонесат за промоција и негување на ромскиот јазик меѓу најмладите ученици.
– На овој начин создадовме реална можност секое дете што сака да го изучува ромскиот јазик да може тоа да го направи без ограничување, рече Јаневска.
Потсети и на конкурсот за изработка на учебници за соодветниот предмет, зголемувањето на бројот на ромски образовни медијатори, во основното образование од 40 на 50, а воведени се и во средното образование. Годинава, нагласи министерката, зголемена е и квотата на стипендии за ученици и студенти роми за околу 300.
– Ова се мерки кои произлагуваат од Националната стратегија за роми и не претставуваат само краткорочни активности, туку одржливи јавни политики што ја зацврстуваат рамноправноста и инклузивноста во нашиот образовен систем. Со иста почит и политики продолжуваме и во периодот што следи, затоа што ромската заедница е дел од нашето заедничко општество и има придонес во неговиот развој кој треба да се признае и потенцира. Ако го јакнеме образованието на ромите, ја јакнеме и силата на заедницата и нејзината општествена улога, подвлече Јаневска.
Меѓународниот ден на ромскиот јазик – 5 Ноември е прогласен од УНЕСКО во 2015 година.





