Јапонија се соочува со рекордно зголемување на смртоносните напади од мечки. Така, властите во северната префектура Акита ја повикаа војската да постави стапици и да обезбеди логистичка поддршка за контрола на популацијата на мечки, затоа што војската не смее да убива мечки, а заловувањето сè уште го извршуваат лиценцирани ловци, чиј број, пак, се намалува поради стареењето на населението. Проблемот е толку сериозен што и Британската влада издаде предупредување за мечки во своето патничко предупредување за Јапонија, јави „Си-ен-ен“ (CNN).
Од април, најмалку 13 лица се убиени, а повеќе од 100 се повредени во блиски средби со мечки низ Јапонија. На годишно ниво, тоа е најголем број од 2006 година досега. Само во октомври, луѓе беа нападнати во супермаркет, шпански турист се здоби со гребаници од мечка-младенче во заштитено подрачје, а напад од мечка врз човек се случи и во друг шумски предел, каде што, за среќа, нападнатиот избегал на безбедно.
Полицијата ги овласти своите единици да пукаат во мечките што се појавуваат во станбените области во Акита и Ивате.
Се претпоставува дека нападите зачестиле поради климатските промени, помал род на желади и движењето на мечките во населените области, како и намалувањето на руралното население. Се предупредува дека зголемената опасност може да продолжи секоја наредна есен и пролет поради климатските промени и промените во природните живеалишта.
Жителите се сè повеќе загрижени, а и бројот на планинари е драстично намален. Властите, инаку, во своите мерки вклучуваат и камери со вештачка интелигенција и дронови што испуштаат звук на лаење на кучиња за да ги исплашат животните што доаѓаат во рурално-урбаните области за да напаѓаат луѓе.




