Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски апелира случајот со директорот на Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој да се истражи докрај. Овој случај, според Трипуновски, е показател дека законите важат подеднакво и за сегашни и за поранешни функционери. Според Трипуновски, нема никаква загрозеност по ИПАРД средствата ниту по националните плаќања што ги имаме како држава.
– Владата покажува неселективна борба против корупцијата и злоупотребата на службената положба. Ваквите случаи во минатото не се случуваа, некако претходната власт сакаше да го затскрие секој криминал. Под притисок на јавноста можеби ќе се преземеше некаков активност, повеќе шминка отколку дела. Ги охрабрувам надлежните институции да го истражат целиот случај до крај затоа што само на тој начин ќе можеме да превенираме некакви идни дејствија во иднина. Воедно, ги повикувам сите граѓани, без разлика дали се правни или физички лица, доколку имаат индиции за вакви случаи, да ги пријават затоа што само на тој начин можеме да делуваме на некакви девијантни или противзаконски дејствија, изјави денеска Трипуновски.
Во однос на барањето на опозицијата за негова оставка од функцијата министер, Трипуновски вели дека не гледа никаква поврзаност.
– Сакам да потенцирам дека Агенцијата е посебна институција, која има посебен менаџмент, посебно управувачко тело така што не гледам никаква поврзаност. Затоа апелирам овој случај да се истражи докрај и доколку има одговорност да се делува согласно законот, рече Трипуновски.
Директорот на Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој беше фатен како прима мито од 400 евра од ветени 50.000 евра за да потпише документ со кој ќе обезбеди користење на финансиски средства од ИПАРД програмата на фирма која не ги исполнува условите.
Во ризик се 128 милиони евра – поради корупцискиот скандал на власта, ЕУ најавува стопирање на ИПАРД, изјави Љупчо Николовски
– Коруптивните шеми и скандали на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ во земјоделството ја доведуваат во прашање европската поддршка за реализација на ИПАРД-3 програмата, вредна 128 милиони евра, вели пратеникот од СДСМ Љупчо Николовски, на прес-конференција.
Тој вели дека големиот скандал со директорот на Платежната агенција, Илија Стоилев, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, го докажува она на што постојано укажувавме, вистинската слика за ова владеење: држава заробена од партиски и лични интереси, корупција и неспособни кадри.
Овој скандал, според информациите коишто ги имаме, изјави Николоски, веќе има најава и можно е Европската унија да ги стопира финансирањата во ИПАРД-3 програмата од Европската комисија.





