Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изминатата недела при спроведена вонредна контрола кај оператор со храна, заплениле и нештетно уништиле приближно 37 тони храна.
Како што соопшти денеска Агенцијата, биле запленети и уништени јаткасти плодови, зрнести и мешункасти производи и разни зачини без декларации и на кои рокот на употреба им бил истечен од една до две години.

За сторениот прекршок на операторот му е изречена мерка привремена забрана за работа и парична казна, како и наредба за отстранување на утврдените недоследности со надзорот.
АХВ информира дека во изминатата недела биле спроведени вонредни контроли и кај други оператори со храна – месарници, ресторани, сендвичарници, маркети. Поради утврдени недоследности – нерегистрирани оператори со храна, неспроведени задолжителени обуки на вработените за безбедност на храната, пуштање во промет на небезбедна храна и слично, операторите со храна и нивните одговорни лица се казнети парично и им се изречени привремени забрани за вршење дејност.
-Издадени беа и наредби за отстранување на утврдените недостатоци со контролите, а затекнатата небезбедна храна беше нештетно уништенa, наведува АХВ во соопштение.





