Професорот Љубомир Фрчкоски во интервју за емисијата „Во Центар“, изјави дека актуелната власт ја довела Македонија во состојба на политичка еутаназија, а како последна стратегија ѝ преостанува „динамика на прогон“ и напад врз институциите на правдата.
„Единствена опција што ќе остане, што е прилично авторитарен завршеток, е да се обиде да го сруши обвинителството и судството – да ја земе таа ‘вампирска вилица’. Без обвинителството и судството, нивното гризење не функционира до крај“, рече Фрчкоски.
Тој додаде дека обвинителството во моментов претставува последна демократска брана против авторитарните тенденции на власта:
„Обвинителството мора да опстои, тоа е мачот на секоја власт, бидејќи прогонот може да ја замени политиката. Ако падне обвинителството, следи диктатура“, предупреди тој.
Фрчкоски оцени дека владејачката елита очекува да се збогати, а потоа да се обиде да го легализира богатството преку нови политички договори и уставни измени:
„Секоја власт очекува да се збогати. Оваа елита ќе функционира уште две години, а потоа ќе бара начин да се ‘детоксицира’, да се спои со сите во некаква голема коалиција, да се смират, да не бидат гонети. Тоа е логиката на овие елити.“
Тој оцени дека најреалниот исход е обид за „голема коалиција со уставни измени и гаранции“, со цел власта да ја „спаси честа“ и да обезбеди имунитет за своите бизниси.





