„Balkan news truck“, или „Балканскиот медиумски камион“, пристигна во Скопје и ќе им понуди на скопјани интерактивна програма денеска на паркингот пред Општина Центар, од 11 до 15 часот, а утре во NOVA International school Skopje, од 9 до 15 часот.
Балкански медиумски камион е иницијатива што ја спроведува CFI – Француската Агенција за развој на медиуми со поддршка на Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, во рамките на проектот Shared Horizons.
Balkan News Truck е патувачка платформа што ги истражува вестите, сликите и критичкото размислување. На секоја станица, камионот ќе биде поставен на централни јавни простори, нудејќи проекции, квизови и разговори за тоа како настануваат информациите, како се споделуваат и како ги доживуваме. Ова е можност за граѓаните да се соберат, да разменат мислења и да ги согледаат вестите од поинаква перспектива – со цел да се поттикне критичко размислување, медиумска писменост и отворен дијалог за улогата и влијанието на информациите во секојдневниот живот.
Македонската турнеја на „Balkan news truck“ и неговите активности се дел од предпрограмата на „Деновите на медиумска писменост“ што ќе се одржи од 17 до 24 ноември.
Од септември до ноември 2025 година, низ шест земји од Западен Балкан – Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија и Србија – „Балканскиот медиумски камион“ ќе посети 20 градови, нудејќи им на граѓаните, особено на младите, интерактивни квизови, дискусии, работилници и видео-проекции. Неговата цел е да ја истражи улогата на информациите во современото општество и да ја зајакне отпорноста на граѓаните кон дезинформации и манипулации. Во Северна Македонија, турнејата се реализира во периодот меѓу 2 и 15 ноември, со посети во Битола, Гостивар, Штип и Скопје.





