Документарниот филм „Приказната за Силјан“ во режија на Тамара Котевска постигна значаен меѓународен успех, освојувајќи две номинации на престижните Cinema Eye Honors, едни од највлијателните глобални признанија во светот на документарниот филм.
Филмот е номиниран за Audience Choice Prize, награда што често служи како силен сигнал за идни оскаровски успеси. Од Cinema Eye Honors објаснуваат дека ова признание „често е клучен претходник на идните документарни награди, вклучително и на Оскарот за најдобар документарен филм“, што дополнително го зголемува интересот околу македонското остварување пред почетокот на наградната сезона.
Втората номинација е за Outstanding Achievement in Cinematography, со која се одликува кинематограферот Jean Dakar за неговиот впечатлив визуелен јазик, автентичен пристап и суптилна кинематографска естетика што го одбележува филмот.
Со овие признанија, „Приказната за Силјан“ го зацврстува својот статус како едно од најистакнатите документарни остварувања на годината и сериозен кандидат во претстојните филмски натпревари.
„Испраќам огромна благодарност до сите што гласаа. Кога публиката застанува зад културата, можеме да постигнеме повеќе од успех – можеме да направиме чудо“, изјави режисерката Тамара Котевска.
Дополнително, National Geographic официјално ја најави американската премиера на филмот, која ќе се одржи на 28 и 29 ноември во IFC Center во Њујорк, со што „Приказната за Силјан“ се пробива на големата американска филмска сцена.





