Пратениците на СДСМ и Коалицијата, денеска поднесоа иницијатива за основање на Анкетна комисија за трагедијата во Кочани, на којашто се придружија и пратениците од Левица а беше дел и од барањата на семејствата на загинатите и повредените, соопштуваат од СДСМ.
Оттаму велат дека Анкетната комисија треба да ја утврди целата вистина, како и на кој начин била загрозена безбедноста на присутните во објектот во Кочани, да ги утврди институционалните пропусти, прекршувањата на законските одредби, како и да лоцира политичка одговорност.
„Врз основа на наодите, пратениците предлагаат Анкетната комисија да изготви и на Собранието да му поднесе Извештај најдоцна еден месец по завршување со работа. Ги повикуваме сите пратеници од сите политички партии да ја поддржат оваа иницијатива, активно да учествуваат во процесот, Собранието што поскоро да ја формира и Анкетната комисија да започне со работа“, се наведува во соопштението од СДСМ.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски денеска во изјава за медиумите истакна дека тие ќе ги прифаќаат барањата на СДСМ и Левица за надзорна расправа и Анкетна комисија за трагедијата во Кочано, но, како што рече, да биде проширена и со другите трагедии.





